ЗАГАРИТЕ НА ВЛАСТА – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

13076662_1003639613054306_5485997660944431789_n-1-2-1-1

Според психолозите, кога еден криминалец е фатен во моментот додека врши тешка кражба или разбојништво, тој панично реагира на безумен начин: стрела во своите прогонители.

Слично објаснување може да се даде и за неодамнешната закана на бившиот премиер Груевски, кој што соочен со неизбежен распад на неговиот режим но, и со судски прогон за повеќе извршени кривични дела, сосптвениот спас го бара во некаков граѓански судир, преку кој што би го продолжил своето самоволно владеење. Таквата реакција, велат тие, се смета за очекувана и својствена за една длабоко фрустрирана личност, која што личниот пораз сака да го компензира со трагедијата на многумина околу себе.

Истото би можело да се каже и за неговите најблиски соработници, директни соучесници во создавањето на злосторничкото криминално здружување, поради што се принудени до крај да го следат својот партиски водач во намерите зад себе да остави што поголема државна пустош.

Меѓутоа, како да се сфати и објасни дворската игра на изнајмените шутови во т.н. контра-револуционерно движење за наводен спас на државата, а всушност за одбрана на Груевизмот, кој што освен ситни привилегии и бенефити никогаш пообилно не се офајдиле од грабежот на државната каса и немале позначаен партиски третман во ешалоните на власта. Нивната појава на политичката сцена налик на сезонска работна сила, се должи исклучиво на еднократната потреба на режимот, на секој начин да се задуши нараснатиот бес и гнев на демократското грѓанство и да се спречат специјалните истраги што се водат против мафијашката дружба.

Притоа, треба да се има во предвид дека тоа не се обични, заведени или неграмотни партиски верници, кои што заслепени од ужасната режимска пропаганда за странски заговори и петоколонашки наезди, живеат со убедување дека нивната држава и нејзиниот суверенитет навистина се наоѓаат во смртна опасност, поради што се подготвени за брутална пресметка со измислените народни предавници и државни непријатели. Овде станува збор за препредени и вешти манипулатори со националните чувства на луѓето, политички мешетари и измеќари на сите досегашни режими, кои што по потреба, преку ноќ, се преобразуваат од големи демократи и слободари, во крајни националисти и тоталитаристи.

Во нашето секојдневие ги познававме како просечни универзитетски професори, судии, писатели, актери, кои што никогаш немале поголеми амбиции да остварат нешто позначајно во своите професии. А најмалку да прераснат во некои вид политички арбитри, иако интимно посакувале одредено општествено внимание па, макар тоа била мала почест, да бидат во близина на некој важен државен функционер кому би можеле хорски да му ги рецитираат своите големо-македонски пароли.

И бидејќи најдобро се ориентираат во магловити и кризни времиња, кога сејачите на магла се на висока цена кај секоја забегана власт, тие не пропуштаат прилика први да излезат на кванташкиот политички пазар, нудејќи ја својата уникатна стока: распродажба на ситни човечки души и на дебели образи од свинска кожа. Без тендери, во четири очи со режимските прекупци и со гарантиран квалитет на бесчесност.

Потоа вообичаено следат полноќните маршеви на дпмне-овските анти-граѓански протести, предводени од проверени провокатори, чија основна задача е да с`скаат што поотровна омраза кон противниците на власта и да го уверуваат партиотското членство во честитоста и вечноста на нивниот веќе отпишан лидер. Тие добро знаат дека во нормални демократски констелации, не би можеле да преживеат ниту еден ден, па затоа така панично и жестоко се борат против враќањето на демократијата и воспоставувањето на правниот систем во ограбената и осактена држава.

Историјата еден ден можеби ќе запише: македонската Шарена револуција, не го порази само криминалниот систем на Груевски, туку и сета гнилост, омраза и злоба што тој ја остави зад себе!