Непобитен факт е дека фудбалерите испишаа историја, но што понатаму? Дали ќе останеме на спомените или ќе тргнеме кон нови освојувања и нови спортски предизвици?
За остварување на националниот интерес преку спортот, државата треба да преземе соодветни мерки за унапредување на врвниот спорт. Доколку се сака да се промовира концепт за врвни достигнувања во спортот, треба да се премине од сферата на изградениот „потенцијал”, во сфера на системски поставен и консолидиран модел за натамошно делување во квалитативна насока.
Македонија во последниот месец го живее сонот кој го сонуваа генерации – моментот кога ја гледаме нашата национална репрезентација на европското првенство во фудбал. Да не заборавиме, претходно истиот успех го направија и нашите национални тимови во ракомет и кошарка. Но, факт е дека фудбалот е „најважната споредна работа на светот“ и пласманот на националната репрезентација е посебна приказна, дури и бајка, која ни донесе колективна радост, тага, емоции и сплотеност на нашата нација како никогаш досега.
Почетоци на колективниот сон
Доколку се направи мала ретроспектива на овој историски фудбалски успех мора да се забележи храбрата менаџерска одлука на челниците на фудбалската федерација на Македонија Игор Ангеловски – Мрме да го назначат за селектор на нашиот национален тим. Во што се состоеше неговиот успех, како искусен менаџер во областа на фудбалот? Тој прво отиде во Италија да ја убеди нашата фудбалска икона Горан Пандев да се врати во националниот тим и со своето знаење и искуство да поведе една нова млада генерација која претходно избори пласман на европско во фудбал за млади до 21 година во нов колективен спортски успех. Притоа, неговата филозофија се базираше на градење на кохезија и единство во националниот тим. Тоа претставуваше дополнителен стимул за тимот кој е одраз на нашата мултиетничка и муликултурна држава. Оваа филозофија на селекторот може да се илустрира како филозофијата на мускетарите „сите за еден, еден за сите“ – енергија, емоција, сплотеност на целиот тим, која многу јасно и недвосмислено се рефлектира на сите граѓани на Македонија.
Тоа го покажа и нашата спортска публика, сплотена и обединета во едно за својот национален фудбалски тим. Во таа смисла, нема да претераме ако кажеме дека нема друга општествена област која може до тој степен да ги сплоти своите граѓани без оглед на нивната етничка, верска, религиозна, полова, сексуална и социјална ориентација како што тоа го направи фудбалот.
Крешендо на учеството на европското првенство во фудбал на нашиот национален тим беше одлуката на капитенот и лидерот Горан Пандев за повлекување од фудбалот. Искрено, за било кој спортист, подобар момент од ова нема. Во 69та минута, на 69тиот капитенски натпревар, да ви аплаудира целата нација (без оглед дали сте на стадионот или не) и да ви се поклони за тоа што и дадовте моменти на колективна радост, среќа и возбуда. Но, уште позначаен момент е кога противникот преку својот капитен ви подава дрес со бројот 122 како симболика на вкупниот број натпревари кои ги одигра за нашиот национален тим.
За нашиот национален тим првенството заврши, и како понатаму?
Непобифакт е дека фудбалерите испишаа историја, но што понатаму? Дали ќе останеме на спомените или ќе тргнеме кон нови освојувања и нови спортски предизвици? Можности има за уште многу, било на репрезентативен или клубски план.
Факт е континуираниот раст и развој на спортот на глобално ниво, а така треба да биде и кај нас. Притоа, за да може еден национален спортски тим или пак спортски клуб да се одржи во спортската елита, потребен е акцент на глобалната евалуација на спортски таленти и однапред организирано скаутирање на млади таленти. Тоа може да се објасни на следниот начин: преку доживотно учење и менаџирање со кадрите во спортот, а тоа е: играчка кариера – период на адаптација – скаутинг кариера – искуство. Кај нас овој модел веќе го има користено уште една спортска легенда, ракометарот Кире Лазаров и претставува добар модел за идните генерации спортисти.
Во таа насока, спортската кариера на еден професионалец не завршува со последниот одигран натпревар. Тој својата пост-играчка кариера и искуство треба да ја пренасочи внатре во спортот. Или, поедноставно кажано, Горан Пандев, Кире Наумов, Перо Антиќ, Артим Шаќири, Влатко Иливески, Дарко Панчев и останатите искусни спортисти имаат обврска да продолжат со своја едукација се со цел тоа искуство да го пренесуваат на нова генерација спортски таленти, од кои ќе може да очекуваме нови спортски успеси.
Улогата на државата во сферата на спортот
Во основа, станува збор за два сегменти, економскиот однос или финансирањето во спортот, и изградбата на современа спортска инфрастуктура.
Всушност, без претходно финансирање на спортот, конкретно во професионалниот спорт и промената на системот на управување во спортот, не можеме да очекуваме да се достигне ниво за иградба на една модерна спортска инфраструктура и да се воспостават потребни услови за воведување на спортска професионалност.
Извор: uefa.com
Економскиот однос на релација држава – спорт – спортски менаџмент денес е нераскинлив и значаен дел, кој воедно подразбира широк спектар на активности особено во делот на финасирањето и инвестициите во спортот. Како планетарна појава, спортот, а особено неговиот значаен дел, спортскиот менаџмент во себе содржат мноштво на економски, политички, социјални и национални интереси. Тоа е така од причини што од суштинско значење за секоја држава е прашањето на систематско решавање на односите во спортот и спортскиот менаџмент. Бидејќи спортот е социјален дел од секоја држава, таа има обврска да го гарантира развојот на спортот преку негово институционално организирање и управување. Принципите на современиот спортски менаџмент разработуваат два модели на финансирање, и тоа:
- Директна поддршка – обезбедување на финансии од јавниот (државниот) сектор кои доаѓаат од буџетите (државен и општински), а кои можат да бидат како субвенции, државни фондови, стипендии за талентирани спортисти и слично (модел од времето на социјализмот), и
- Индиректна поддршка – обезбедување на финансии од приватниот сектор со бенфиции за инвестирање во спортот на основ на законска можност за даночни олеснувања, што претставува можност за рекламирање на производ или бренд. Овој модел подразбира и поддршка на спортот преку делот на општествена одговорност на компанијата (модел според капиталистички систем).
Кога станува збор за спортската инфраструктура, најнапред се мисли на изградба на спортски комплекс во зависност од целите на спортската асоцијација, спортскиот клуб и слично. Ова би требало да биде приоритетна задача на секој професионален спортски менаџмент на клубовите, каде државата има должност континуирано да создава услови и да го мотивира приватниот сектор да го насочи својот капитал кон изградба на современа спортска инфраструктура. Примарна цел на соодветен или современ спортски центар е професионална база за тренинзи или тренинг камп преку кои ќе се создаваат идни врвни спортисти. Без соодветна спортска инфраструктура многу е тешко да се очекуваат нови спортски таленти, особено што денес во услови на глобализација младите спортски таленти во рана фаза на својот спортски ангажман си заминуваат надвор од нашата држава и некој друг ја оформува нивната спортска кариера.
Како за појаснување, Владата на Македонија во периодот од 2008 година до сега има изградено 35 спортски сали, што и не е некој податок за пофалба, оти овде се говори за период од 13 години. Овие се спортски сали кои пред се, се дадени на користење на основните училишта или на општините каде беа изградени. Според некои проценки, постојните изградени спортски сали имаат пред се проблем во делот на стопанисување, кое пак потоа се одразува на самото одржување на тие спортски објекти. Односно, поголем дел од овие спортски сали се во лоша кондиција за што е потребен поинаков начин на стопанисување.
Исто така, имаше проект за изградба на училишни спортски сали, кој минатата власт го започна во 2009 година, но според извештајот на државниот ревизор таа активност е половично спроведена. Единаесет години откако е започнат проектот до лани, според ревизијата на успешност, се завршени само 52 проценти од планираното, односно изградени се 76 од вкупно 145те планирани училишни спортски сали кои се под ингеренција на Министерство за образование и наука.
Но, она што реално може да се нарече спортски центар кој е во надлежност на државата, тоа е СРЦ Борис Трајковски. Исто така, спортските комплекси кои би можело да ги задоволат стандардите за постигнување на врвни спортски резултати и градење на врвни спортисти се Јане Сандански, како и комплексите на ФК Вардар и Фудбалската федерација на Македонија кои пак се наменети исклучиво за фудбалот.
Филозофија на организирање на спортска академија за идни спортски успеси
Организација и поседување на спортска академија не претставува само игра, бизнис и тренинг, туку напротив, своевидна филозофија на живеење и однесување.
Филозофијата на градење на спортска академија преку системот квалитет пред квантитет има за цел да донесе бенефиции за секој спортски клуб кај нас од повеќе аспекти (финансиски, резултатски, општествени, спортски, итн ).
Клучни аспекти за остварување успешна спортска академија
Креирање на врската помеѓу првиот тим и академијата – една од многуте значајни одговорности е да се инсталираат потребни структури кои ќе овозможат поврзување на академијата со првиот тим. Единствено тоа ќе овозможи за секој спортски талент јасна патека (проодност во селектирањето) преку скаутинг во рамките на самата спортска академија.
Поврзување на точките – сегмент и предизивик преку кој се поврзуваат сите оддели во рамките на спортската академија, така што сите спортски чинители и експерти ќе бидат усогласени и ќе се стремат кон остварување на заедничка цел.
Воспоставување на систем „квалитет пред квантитет“ – единствено квалитетот носи успех. За тоа е потребно усогласување на работните часови во денот и часовите кои треба да ги помине еден спортски талент во рамките на спортската академија. Задачите кои треба професионалната спортска администрација во академијата да ги испорача на професионален план, мора да се мерат преку повратни циклуси и континуирано оценување на завршените задачи наспроти незавршените задачи.
Од индивидуален до тимски пристап – значајна е промената на начинот на размислување од индивидуален до тимски пристап, таа е една од најпредизвикувачките за секој поединец во академијата. Ако се спореди со индивидуалните спортови, тие секогаш се фокусирани на индивидуата, што на одреден начин значи подобар третман, со тоа и подобар квалитет. Во колективните спортови тимската работа е доминантна, но секогаш треба да се настојува индивидуата да ја насочувате кон тоа да се вклопи во генералните цели на спортски план.
Спорт и едукација – родителите на младите таленти не би требало да се доведат во позиција да избираат помеѓу неговиот или нејзиниот талент во спортската академија и нивните способности да учат, да се едуцираат и да се здобијат со диплома. Затоа, во самата спортска академија мора да се нуди комбинирана патека: учење – тренинг – едукација.
Да се поттикнува љубовта кон спортот и играта – секогаш на младите таленти во една спортска академија треба да им се нагласи страста за играта и натпреварувањето како еден вид на лична цел. Одредени младинци секогаш ќе тежнеат кон тоа да станат професионални спортисти, како еден вид на професија во животот.
Како резиме од сето погоре искажано, е тоа дека сите скорешни спортски успеси, особено во колективните спортови, би требало да ја поттикнат државата да почне да размислува во иднина, пред се преку своите надлежни институции, да изврши промена во одредени закони кои се поврзани со спортот и да се направат структурални реформи, особено во делот на професионализацијата и менаџментот на нашиот спорт. Пред се, во делот на финансирање на професионалниот (врвен) спорт кој со сегашниот модел на финансирање преку ваучери многу тешко би можел да биде „рамо до рамо“ со европскиот квалитетен спорт.
Ваучерот засега дава добри резултати на домашен спортски план, но сепак тоа не е доволно за натпреварување на нашите спортски клубови на европска сцена. Исто така, промените треба да се случат во делот на управувањето во спортот, односно државата да оформи посебно тело во рамките на Агенција за млади и спорт со сериозен стручен профил во делот на спортските, економските и правните науки за лиценцирање на поединци кои би раководеле со спортот, без оглед дали е тоа во спортски клуб или спортска федерација. Спортскиот менаџер е најсоодветно да биде лиценциран за период од три години.
И на крајот, промените би требало да одат во насока на тоа секој спортски клуб (оние кои имаат сопственост над спортските терени) да работат на подобрување на таа инфраструктура, со што треба да добијат и некаков финансиски надомест ако постојано ја подобруваат својата спортска инфраструктура.