Заев: Берлинскиот процес го придвижи Западен Балкан во вистинска насока

Сподели

 

На Самитот на Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес што се одржа вчера по пат на видеоконференциска врска донесени се 64 зајлучоци.

Заеднички регионален пазар, економски и инвестициски план, зелена агенда, одговори на ковид-19 пандемијата, безбедност, миграција, мало наоружување и лесно оружје, помирување, исчезнати лица, интеграција на Ромите, младите и политики поврзани со младите, тинк-тенк и граѓанско општество, образование, наука, истражување и иновации се само дел од главните области во кои беа донесени заклучоците.

На Самитот на Берлинскиот процес беа искажани и неколку пораки од европските лидери. Германската канцеларка Ангела Меркел, по состанокот со лидерите од Западен Балкан рече дека не можеле да предвидат оти Бугарија ќе го блокира почетокот на преговори со Северна Македонија за зачленување во ЕУ.

„Некои тешкотии не можете да ги предвидите. Долго гледавме како Северна Македонија и Грција преговараа за името. Северна Македонија стана членка на НАТО, но одеднаш Бугарија го блокираше почетокот на преговорите за членство во ЕУ“, изјави канцеларката Меркел.

Премиерот Зоран Заев на Самитот на Берлинскиот процес истакна дека регионалната соработка е основен фактор за поврзување и економски прогрес, а не за замена за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ.

„За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ. Берлинскиот процес навистина успеа да го придвижи Западен Балкан во вистинската насока. Особено во врска со регионалната економска соработка. Во овој контекст, гледајќи наназад, кога пред две години решивме да ги намалиме цените на роамингот во регионот, никој не помислуваше дека ќе имаме регион со нула такси за роаминг. Овој историски успех дојде како резултат на долгите преговори, олеснети од Советот за регионална соработка и Европската Унија. Сега тоа е завршена работа. Ние сме регион без роаминг и им доставивме опипливи резултати кои произлегуваат од заедничкиот регионален пазар на нашите граѓани“, изјави премиерот Зоран Заев.