Мицкоски: ДУИ да ги напушти милитантните позиции и да застане зад македонските интереси

Сподели

 

 Интервју на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за ВЕЧЕР ПРЕС

Деновиве бевте во дипломатска офанзива во Брисел, велите дека членството во ЕУ е приоритет за Македонија. По низата средби што ги остваривте таму, каков Ви е впечатокот лично Вас, во однос на проширувањето на ЕУ?

 -Заклучокот е дека постои голема волја и желба, од страна на нашите европски партнери, Македонија да ги почне конечно преговорите за коишто ги исполни сите критериуми уште пред 11 или 13 години, откако сме формално земја кандидат. Македонија има огромно мнозинство на пријатели во Брисел, луѓе кои ја разбираат позицијата на Македонија, но не ја разбираат позицијата на Бугарија, која во овој момент, очигледно претставува сериозна пречка за почнување на преговорите. Најголемите критики што доаѓаат од Брисел кон Македонија е огромното ниво на корупција, криминал кој владее во државата и тоа не е некоја голема тајна, бидејќи ние сме според извештајот на Транспарентност интернационал на 111. место или најкорумпирани и најкриминализирани во Европа. Немањето суштински и квалитетни реформи, лошото менаџирање со ковид-пандемијата… отприлика тоа се дел од неколкуте атрибути кои дипломатите во Брисел ни ги забележуваат. Јас сум целосно вложен на страната на народот и на државата, им реков дека сето тоа кое го заклучиле врз основа на извештаите кои ги добиваат е точно, но дека не сум тука дојден да ја озборувам власта, ниту е мојата цел да ја критикувам бидејќи тоа што тие го кажуваат е горе-долу вистина. Мојата цел беше таму да разговарам со пријателите и да добиеме што е можно повеќе пријатели кои ќе застанат зад нас на денот кога конечно ќе почнеме да преговараме со Европска Унија, успешно да ги завршиме тие преговори и да станеме членка во Европската Унија.

Разочарана од повторното недобивање датум за преговори, Владата ја зајакнува инцијативата Мал шенген, закажана е средба за овој месев. Каков е Вашиот став за оваа иницијатива?

-Тоа не е алтернатива, тоа е некоја регионална иницијатива која никако не може да биде алтернатива за Европската Унија, ние треба да останеме фокусирани на членство во Европската Унија и можеби уште еднаш треба да се разгледа идејата за членство во Европскиот економски простор, иако Пендаровски на едно скорешно интервју се обидуваше невешто да го објаснува дека тоа ни следувало откако ќе сме станеле членка на Европската Унија, но не е баш така. Што се однесува до Мал Шенген, тоа е некоја локална авантура на Владата и на Зоран Заев, за што поддршка од опозицијата како алтернатива на Европската Унија нема да добијат, и мислам дека треба да се разговара многу посериозно и многу поотворено на оваа тема.

 Разговорите летово се во мирување, но дали наесен очекувате да се случи чудо во односите со Бугарија? Кои се Вашите црвени линии во врска со спорот со Бугарија?

-Црвените линии генерално се содржани во Резолуцијата којашто ја доставивме до Собранието, веќе направивме консултации со парламентарните партии и од власта и од опозицијата и ние се обидуваме да ги придобиеме сите партии. Го поздравувам тоа што и СДСМ одлучи да ја поддржи Резолуцијата, бидејќи и во минатото, сега и во иднина, ВМРО-ДПМНЕ е столб околу кој се обединуваат македонските национални интереси и добро е што СДСМ по неколкудневни обвинувања кон мене лично, успеаја да се надраснат и да сфатат дека идентитетот нема алтернатива и да се обединат околу македонските национални интереси и носечкиот столб кога се работи за тоа прашање – а тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Во врска со тоа дали очекувам чудо, најпрвин да видиме како ќе завршат изборите во соседна Бугарија, да претпоставиме дека ќе бидат успешни и дека ќе има Влада и Парламент, што го очекувам некаде во втората половина на август. Имајќи предвид дека ние крајот на септември влегуваме во официјална кампања, имаме локални избори, па тие имаат претседателски избори, очекувам дури кон крајот на годината сериозна дипломатска офанзива кон официјална Софија, да ретерира од позицијата на вето и Македонија да ги почне преговорите. Ова што се случува веќе втор или третпат со официјална Софија е на меѓународните домат-дипломатии на дуото Заев-Димитров, каде што јасно се гледа дека нивните авантуристички потези на полето на дипломатијата само ја втурнаа Македонија во подредена положба и ја отворија Пандорината кутија и ние денеска сме практично предмет на уцени од страна на нашите соседи. Ги нема никаде оние убави епитети дека ние блескаме, дека имаме пријатели, кога ние гледаме дека буквално сопки имаме на секој чекор. Замислете како ќе биде кога ќе почнеме да преговараме. Никој денеска нема да разговара со Македонија за тоа какви реформи направила и дали тие имаат добар резултат, дали сме го хармонизирале нашето законодавство – секогаш некој ќе сака да си исправи некаква историска грешка. Токму поради тоа ние јасно мора да ги исцртаме нашите национални линии и токму тоа го правиме со оваа Резолуција во Парламентот, која очекувам сите да ја поддржат.

СДСМ  дава поддршка, но од друга страна, ДУИ смета дека оваа Резолуција е штетна за државата. Очекувате ли да најдете заеднички јазик и обединување и со албанските партии?

 –Очекувам ДУИ да ги надмине своите милитантни однесувања и барем еднаш да застане зад интересот на нивните сограѓани Македонците како мнозинска заедница. Вистински да застане зад новата агенда што ја најави, а тоа е зелената агенда, и наместо химната, знамето и грубото кршење на Уставот од страна на Талат Џафери, да имаме навистина еден вистински државнички и братски однос во државава. И наместо да ги гледаме нашите лични интереси и интересите на соседите од другите држави, да ги гледаме интересите на соседите тука внатре, во нашата Македонија, тоа се интересите на мнозинскиот, македонскиот народ. Жалам што тој човек што ја даде таа изјава, дека Резолуцијата е штетна за Македонија, сè уште е министер за надворешни работи.

Целото интервју можете да го прочитате на следниот линк