СКСМ: Еврообврзницата е за задржување на социјалниот мир, а не за развој на економијата

Сподели

Fatmir-Bikiki-i-Mendi-Kira

Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСМ) изрази загриженост по повод намерата на државата да издаде еврообврзница во износ од 650 милиони евра и смета дека тие пари се за купување социјален мир, а не за внесување свеж капитал во стопанството.

Според СКСМ, еврообврзницата ќе се искористи за покривање на тековните обврски, односно за исплата на плати и на пензии, а стопанството како и досега нема да има голема полза.

– Досега од задолжувањата не сме виделе вистинско искористување на средствата за капитални инвестиции и за суштински развој на економијата. Ако парите се користат за пензии, плати, социјални трансфери, тоа не е свеж капитал за економијата, туку задржување на социјалниот мир – изјави директорот на СКСМ, Фатмир Бикиќи.

Бикиќи истакна дека своите ставови ги пренеле и на Министерство за финансии, кое го обвинија дека во соопштението за средбата со претставници од трите најголеми комори ја извртеле вистината за поддршката на политиките на Владата од страна на трите најголеми комори.

– Не дадовме поддршка за зголемување на долгот и за непродуктивните расходи. Спротивно на нашите забелешки, Министерство за финансии излезе со став дека коморите бланко ја поддржале работата на Владата – изјави Бикиќи.

СКСМ смета дека со овие политики, Владата по секоја цена сака да се достигне јавен долг од 67 проценти од домашниот бруто-производ. Додаваат дека аранжманите со Меѓународниот монетарен фонд обезбедуваат поповолни кредити, но задолжувањето преку еврообврзницата ќе им овозможи поголем комодитет во трошењето на тие пари.

– Секоја година имаме финансиски јаз од 580 милиони евра, кој се покрива преку издавање еврообврзница. Потребен ни е пораст од пет проценти и воопшто да не се задолжуваме, а во спротивни по 2020 година нè чека грчко сценарио – додаде потпретседателот на СКСМ, Менди Ќира.

Во однос на ребалансот на буџетот, од СКСМ сметаат дека не може да станува збор за развоен кога се кратат парите за капиталните проекти важни за развој на економијата, а се запазени социјалните аспекти и тесните партиски интереси.

Тие ја прашуваат Владата од каде ќе најде пари за изградба на Коридорот 8 кој е важен за компаниите, а ЕУ скрати 69 милиони евра за него од ИПА-фондовите.

meta.mk