Започна чистењето на линданот од малата депонија во „ОХИС“

Сподели

 

Во кругот на поранешната фабрика „ОХИС“ денеска започна чистењето на малата депонија контаминирана со линдан и неговите изомери.

-Со оваа активност започнува елиминацијата на една еколошка жешка точка во нашата држава, истакна денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на стартот на отстранувањето на линданот од малата депонија во „ОХИС“.

Од депонијата ќе бидат исчистени 700.000 тони контаминирана почва.

Претставниците на изведувачот „Полиеко“  информираа дека проектот ќе биде имплементиран со најновите достапни технологии и секако во согласност со највисоките стандарди.

Од техничка гледна точка, ќе биде подигнат специјализиран шатор на самата локација. Целата работа ќе се одвива во затворен простор за да се заштити јавноста и околината од какви можни ризици. Ќе има специјални единици за филтрација, за негативна филтрација на самата локација. Посебна респираторна заштита ќе им биде обезбедена на сите работници и сите овие технологии ќе бидат имплементирани во согласност со највисоките стандарди.

Нема да има третирање на отпадот или на загадената почва на самата локација. Загадената почва ќе биде спакувана во посебни непропустливи контејнери кои се одобрени од ОН и ќе бидат извезени во согласност со Конвенцијата од Базел и националните регулативи и ЕУ-регулативите, ќе бидат извезени во Франција и во Холандија за конечно отстранување на отпадот и уништување на истиот.

 

 

Во текот на активностите ќе има и програма за континуирано следење на животната средина.

Нуредини нагласи дека особено му е драго што во овие две години откако е министер, покажале решеност да ги елиминирааат историските жешки точки во земјава и што прво биле безбедно отстранети и уништени огромни количини на опасните хемикалии со децении складирани во ОХИС.

– Денес присуствуваме на почетокот на чистењето и на депонирањето на линданот. Би сакал да истакнам дека подготвителниот процес траеше долго, но справувањето со овие жаришта бара детални истражувања на самите депонии, проценка на ризикот, реализација на обуки за професионално инволвираните, обезбедување на дополнителна лабораториска опрема за следење на влијанието врз животната средина во текот на процесот, која ја промовиравме неодамна на Институтот за хемија на ПМФ и други неопходни анализи за што е потребно многу време и големи финансиски средства, истакна министерот за животна средина и просторно планирање.

Планот е, додаде Нуредини, во Франција да се извезе линданот, а во Холандија да биде извезена контиминарата земја под линданот.

За чистањето на малата депонија Министерството воспостави соработка со две агенции УНИДО и УНОПС.

– Првично за реализација на проектот Министерството преку Канцеларијата за ХОПС во соработка со УНИДО како имплементациона агенција обезбеди финансиски средства во висина од 3,1 милион долари од Глобалниот еколошки фонд ЏФ кој за првпат финансира ваков проект во регионот на ЈИЕ. Остатокот од средствата за завршувањето на чистењето на малата депонија ќе ги обезбедиме од повеќепартнерскиот фонд за животна средина, а ќе се имплементираат со УНОПС, наведе Нуредини.

Министерот се заблагодари на на Кралството Норвешка што како партнер на Владата даде несебична поддршка во формирањето на повеќепартнерскиот фонд за животна средина како и за финансиската поддршка од 1,5 милиони евра со кои ја помогнаа реализацијата на овие активности.

– Во овој Фонд Владата на РСМ учествува со 1,7 милиони евра, а се очекува на обезбедување на дополнителни 2,5 милиони евра од ИПА 3 Програмата. Упатувам честитка на сите вклучени во реализацијата на овој проект уште од самиот почеток што докажува дека упорноста дава резултати, изјави Нуредини.

Тој му посака успешна работа на изведувачот „Полиеко“ кој со доставениот план за ремедијација потврди дека сите фази во чистењето ќе бидат изведени на најсоодветен професионален начин, безбедно за сите професионални работници кои ќе работат на теренот, безбедна животна средина во пошироката околина и на населението кое гравитира во овој реон и пошироко. Ние, рече министерот, ќе бидеме постојано присутни и будно ќе го следиме текот на работите тука на теренот.

Првиот секретар на Амбасадата на Норвешка Стефан Сандста истакна дека навистина станувало збор за напорна работа, потенцирајќи дека се среќни што успеале да го изреализираат проектот со помош на нивните партнери.

–  Се надеваме дека и во иднина преку повеќепартнерскиот фонд за заштита на животната средина ќе успееме да привлечеме и други партнери и организации да ни се приклучат, а ние навистина сме среќни што еве денеска конечно започнуваме со расчистувањето на малата депонија. Со нетрпение очекуваме да се вратиме повторно тука кога проектот ќе биде завршен и кога граѓаните ќе имаат безбедна животна средина и секако со среќа на Полиеко којшто ќе треба да го спроведат целиот овој процес, нагласи Сандста.

Микела Телатин, шеф на Канцеларијата на УНОПС за Северна Македонија, рече дека станува збор за навистина многу сложена процедура и операција и, како што истакна, навистина сме многу благодарни за целата поддршка што ја добивме од МЖСПП, Владата на РСМ. Упати благодарност и за соработката со Амбасадата на Кралството Норвешка, другите организации на ОН како УНИДО коишто ја поддржаа Владата во нејзините напори за справување со оваа криза.

– Во ова партнерство УНОПС е одговорен и раководи со повеќепартнерскиот фонд за заштита на животната средина којшто дава поддршка во мобилизацијата на националните и интернационалните ресурси. УНОПС исто така ќе соработува со УНИДО на самиот терен, почнувајќи со селекцијата на компанијата Полиеко која што ќе биде задолжена за овие активности. Полиеко беше избран токму поради следењето на навистина високи стандарди и тоа зборуваме за национални и меѓународни стандарди, рече Телатин.