“Архангел и Филхармонија за Скопје” со концерт за 26 јули во Градски парк

Сподели

 

Во рамки на програмата за одбележување на 58-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, на 26 јули во 21 часот во Градскиот парк, ќе се одржи концерт на Филхармонија на РСМ и „Архангел“, насловен како „Филхармонија и Архангел за Скопје“.

 

 

На денешната прес-конференција присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, директорката на Македонска филхармонија, Тина Иванова, диригентор Џијан Емин и фронтменот на групата Архангел, Ристо Вртев.

 

 

– Ми претставува чест и задоволство да најавам дека 58-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје ќе ја одбележиме со концерт на оркестарот на Филхармонија на отворено во Градскиот парк. Во понеделник во 21 часот ќе имаме можност да уживаме во музиката на култниот скопски и македонски бенд Архангел во автентична оркестрација на Џијан Емин, кој воедно е и диригент на концертот. Станува збор за една исклучителна можност да се чујат безвременските песни на Архангел како еден од најзначајните македонски бендови во изведба на Филхармонија и Ристо Вртев, фронтменот на Архангел – кажа Шилегов.

 

 

Концертите на отворено кои Град Скопје секое лето ги организира со Филхармонија во Градскиот парк и ги насловени како „Филхармонија на отворено“, се претворија во вистинско летно уживање за скопската публика која секогаш е гладна за квалитетни музички содржини.

Градоначалникот Шилегов додаде дека Град Скопје како институција е голем поддржувач на македонската музичка уметност и дека се реализирани голем број проекти од оваа област, како што се реконструкцијата на Универзална, кој е во тек, проектот „Култура во време на корона“ со над 50 настани и над 200 изведувачи, како и преку богатата програма на МКЦ и другите градски културни институции.

Ристо Вртев изјави дека е задоволство и привилегија за секој музичар да настапува со македонската филхармонија, и дека со овој концерт ќе придонесат за развојот на културата и културната понуда во Скопје.

Диригентот Емин и директорката Иванова ги поканија сите уживатели на добрата музика да дојдат во понеделник во 21 часот во Градскиот парк, притоа апелирајќи да се придржуваат  на ковид протоколите.