ПАМПЛОНА (АА) – Медицински официјални лица соопштија дека четири лица се повредени, но дека ниту еден од учесниците на шестата трка со бикови во Памплона не е прободен, јавува Anadolu Agency (AA).
Неколку бикови налетале на тркачите и газеле преку нив низ тесните улици на патот до арената за корида. Во трката одржана утринава учествуваа околу 1.000 лица и таа траеше малку подолго од две минути.
Доктор Џон Арисета, портпаролот на болницата Навара, изјави дека според првите извештаи од трката што се одржа утрово, четири лица се здобиле со полесни повреди и дека нема потешко повредени.
Деветдневниот фестивал Сан Фермин во Памплона стана познат поради романот „Сонцето повторно изгрева“ на писателот Ернест Хемингвеј и привлекува голем број туристи од целиот свет.