МВР: 588 полициски службеници ангажирани во пожарите во последното деноноќие

Сподели

 

Во текот на изминатото деноноќие, во периодот од 07.00 часот на 09.08.2021 до 07.00 часот денеска (10.08.2021) во активностите за гаснење и превенирање на пожарите на територијата на Република Северна Македонија, од страна на МВР беа ангажирани 588 полициски службеници, реализирани 222 мото-патроли и користени 175 возила. Деноноќно на терен се и припадниците на сите специјални единици на полицијата: Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, Единицата за брзо распоредување и Посебната единица за поддршка, кои несебично помагаат во гасење на пожарите.

На 09.08.2021 година поднесена е една кривична пријава од СВР Струмица во врска со пожар настанат на 08.08.2021 година, кај крстосница с.Дабиле-с.Сачево, против Д.К.(30) од с.Баница, за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“.

На 09.08.2021 година, во полициското одделение  Велушина-Битола,  во врска со пожар кој настанал на 09.08.2021 во атар на с.Кишава, на службен разговор во полициска станица биле повикани четири лица на возраст од 21 до 27 години, сите од с.Кишава и се работи на расчистување на случајот.

МВР апелира строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не се фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар. Неопходна е максимална будност и целосно одговорно однесување на секој поединец.