Заев: Денес е Светски ден на хуманитарноста – да покажеме човечност!

Сподели

 

Меѓународните денови каков што е денешниот Светски ден на хуманитарноста, се прилика за сензибилизирање на јавноста за прашања од интерес на човештвото, за мобилизирање на политичката волја и за активирање на ресурси за учество во решавање на глобалните проблеми и за славење на прогресивните стремежи на човештвото во било кој дел од светот.
 
Овие денови длабоко нѐ вознемируваат сликите од Авганистан кои сведочат за закани по животот и за безбедноста на граѓаните на оваа земја, за жените и децата, за младите миротворци и активисти, коишто заедно со меѓународните мировните мисии беа посветени на демократската преобразба на земјата, изјави денеска премиерот Заев.
 
Наша обврска во овој момент, кога иднината на овие граѓани на Авганистан станува неизвесна и застрашувачка, е да покажеме човечност и да го поддржиме авганистанското граѓанско општество во одбраната на човековите права, во заштитата на своите заедници и за одржување на надежта во живот.
 
Северна Македонија меѓу првите понуди помош за овие луѓе кои се под опасност од доаѓањето на талибанскиот режим во Авганистан, и одлучи да прифати одреден број вработени и жени и деца од семејства на оние кои работеле за хуманитарните и миротворните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија.
 
Со овој хуман гест на солидарност и емпатија, нашата земја застана во првите редови на големата светска хуманитарна акција и со тоа испрати порака дека ниту една земја не може да постигне одржлив мир и развој ако остане заробена во бесконечен круг на конфликти, сиромаштија, страв и одземени човекови права, додаде премиерот Заев.