Министерството за здравство информира дека вчера во неколку медиуми беа објавени неточни информации, дека Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби по грешка испратиле тело на починат пациент, кај семејство во Врапчиште гостиварско.
Ја информираме јавноста дека ниту една здравствена установа во државата, ниту КИБФС не направила таква грешка. Сите болници и ковид центри во целост го почитуваат протоколот за постапување со тела на починати лица во болнички услови сомнителни или потврдени на Ковид 19, информираат од Министерството.
По настапувањето на смртта и подготовка на телото согласно протоколите за заштита од Ковид 19, веднаш се повикува Јавно комунално претпријатие на општината или Бутел-погребен сервис АД Скопје за Град Скопје на кои им се предава телото. Погребалните претпријатија, а не болниците, го доставуваат телото на семејството и го организираат погребот, додаваат од Министерството за здравство.