Компанијата „Мајкрософт“ објави дека најновиот оперативен систем Windows 11 ќе биде достапен за потрошувачите на 5 октомври. Од овој датум, тој ќе може бесплатно да се надградува на компјутерите кои досега го користеа Windows 10, како и да се инсталира на новите компјутери.
Од компанијата соопштуваат дека надградбата на Windows 11 на компјутерите ќе се одвива постепено. Најпрво инсталирањето на овој оперативен систем ќе се одвива кај поновите компјутери, при што целокупната постапка треба да заврши до средината на 2022 година за сите корисници на ваквите уреди.
„Доколку имате компјутер со Windows 10 кој е адекватен за надградба, тогаш Windows Update самиот ќе ве информира кога е достапна надградбата“, се наведува во соопштението на „Мајкрософт“.
Корисниците на постари компјутери ќе добијат можност да го користат новиот оперативен систем на самиот крај. Воедно, граѓаните кои во моментов размислуваат да купат нов компјутер во периодот пред 5 октомври, од „Мајкрософт“ појаснуваат дека до тогаш ќе можат да го користат Windows 10, а надградбата на Windows 11 ќе биде бесплатна и автоматска.