Премиерот Зоран Заев и заменик-претседател на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, денеска ја промовираа кампањата за подигање на свесноста и за поддршка во борбата против корупцијата, под слоганот „Сега сé е јавно – Корупцијата не се исплати“.
Кампањата е од посебен јавен интерес и дел од широкиот фронт за борба против корупцијата, и произлегува од јасната политичката волја да се избориме за целосно искоренување на корупцијата.
„Кампањата е израз и на нашата постојана и гласно афирмирана заложба да им дадеме гласност и видливост на воспоставените јасни механизми за соработка меѓу сите институции за справување и спречување на корупцијата, и за охрабрување на граѓаните и медиумите да укажуваат и да зборуваат јавно и гласно“, нагласи премиерот Заев.
Заев ги повика граѓаните да се охрабрат и да ја пријавуваат корупцијата и како неприкосновениот и конечен владетел во нашата демократска земја да не се плашат од никого, а на функционери на сите нивоа им порача дека корупцијата не се исплати и дека последната дестинација на оние што го прават ова кривично дело е затворот и срамот пред заедницата.