Денеска во Основното општинско училиште „Димитар Поп-Георгиев Беровски“ беше пуштена во употреба нова сензорна соба. Оваа сензорна соба е направена со донација на „IuteCredit“ и „ДНА Аннифарм“ во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија.
На отворањето на сензорната соба присуствуваа Јасмина Апостолоска – претставник на „IuteCredit“, Бранка Џајковска – претставник на проектот „Биди ИН“, како и претставници од општината Ѓорче Петров.
Од општината Ѓорче Петров истакнаа дека се благодарни за донацијата од проектот и од приватните компании, особено поради фактот дека сензорната соба значајно ќе ги подобри условите за образование на децата со посебни потреби во ова училиште.
Според претставникот на „IuteCredit“ – Јасмина Апостолоска, компанијата која е вклучена во голем број општествено одговорни проекти со задоволство прифатила да го поддржи и овој проект за подобра иднина на децата со посебни потреби. “Во IuteCredit сметаме дека образованието е најдобрата инвестиција и секој ученик заслужува да има можност и услови за квалитетно образование. Токму затоа и сме дел од оваа хумана иницијатива која овозможува и децата со посебни потреби да имаат образование какво што им е потребно и какво што заслужуваат“.
Бранка Џајковска од Фондацијата „Чекор по чекор“ рече дека оваа сензорна соба претставува голема гордост за проектот поради тоа што таа ќе биде одлично место за учење и развој на учениците од ова училиште, но и поради фактот дека опремувањето на оваа соба финансиски било поддржано од општествено одговорните компании „IuteCredit“ и „ДНА Аннифарм“, како и од физички лица кои претпочитале да останат анонимни донатори, а исто така и од самото училиште. „Ова е одличен пример дека кога работиме заедно успеваме да направиме прекрасни промени. Оваа сензорна соба се реализира како дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија и би сакале уште еднаш на почетокот на учебната година да му посакаме на секое дете пристап до квалитетно образование“, додаде Џајковска.