Љупчо Јаневски, кандидат за градоначалник: Ѓорче Петров е западната порта на градот Скопје

Сподели

 

Од Директор на Агенција за промоција и поддршка на туризам, до кандидат за Градоначалник на општина Ѓорче Петров, Љупчо Јаневски, со слоганот Одлучно за Ѓорче, ќе влезе во трка за татко на Општина Ѓорче Петров. Како кандидат на коалицијата на ДОМ и ЛДП, Јаневски вели дека интелектуалниот капацитет на општината треба да истапи и да даде поддршка за нејзин развој, додека визијата за тој развој тој не ја гледа само во асфалтирање на улиции инфраструктура, туку создавање на можност за младинска проактивност преку поддршка на нивните идеи. Само на тој начин ќе се постигне развој, тврди Јаневски.

 

 

 

ДЕНЕС: На јавноста сте и познати преку раководење со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, релативно мала државна институција. Подготвени ли сте да ги претставувате интересите на граѓаните од општина Ѓорче Петров?

ЈАНЕВСКИ: Ирелевантно и дискутабилно е колкава е институцијата и колку тоа раководење ќе афектира или ќе биде еднакво на водењето на една единица од локалната самоуправа. Ѓорче Петров е западната порта на градот Скопје, која има и рурален и урбан дел. Ова е општината во која сум пораснал, во која сум го постигнал личниот развој, дружбите, општината во која живеат луѓе со големо срце, душа и јас заедно со моето семејство. Регистрираните успеси во туризмот, само ме охрабрија и влеаа оптимизам дека развој е возможен со вистинската екипа, истрајност и фокусираност. Тоа ми даде храброст да побарам поддршка, но и инволвираност од граѓаните на Ѓорче, за заеднички да направиме промени. “Одлучно за Ѓорче” е слоганот со кој ја испраќам пораката дека мора да се застане цврсто и да се бориме за она во што веруваме, одлучно, решително и фокусирано.

 

 

 

ДЕНЕС: Кој е мотивот за Вашата кандидатура? Дали е тоа некој вид на револт или пак предизвик?

ЈАНЕВСКИ: Само промената е константна, а предизвиците се двигател кон промени. Ако во животот немаме предизвици, каков би бил тој живот? Амбицијата е природна работа, кај мене прилично изразена, а во овој случај резултат на неопходноста од промена. Граѓаните на општина Ѓорче Петров до сега имаа опција да избираат помеѓу два предлози за градоначалници, кои беа припадници на поголемите политички партии. Јас, и покрај тоа што сум кандидат за градоначалник на политичка коалиција, мојата кандидатура не ја перцепирам како политичка, од причина што тоа е само начин за одредени верувања, убедувања, програма и идеи да се реализираат во пракса. Општина Ѓорче во изминатите триесет години назадуваше. На општината ѝ недостасуваат многу нешта. Но, како би очекувале промени доколку триесет години правиме исти потези и носиме исти или слични одлуки на изборите?

Општината има голем потенцијал за развој, нуди многу полиња за работа, а тоа се огромен број на предизвици со кои треба да се соочиме, за чекор по чекор да ја модернизираме. Нејзината модернизација значи и задржување на младите во општината, свежи идеи и размисли, работна сила и енергија. Но, треба да знаеме како и да понудиме соодветни решенија за генерациите да останат и да дадат придонес за општината. Тоа е од взаемен интерес! Општината треба да понуди услови и содржини за сите генерации да доживеат развој, но истовремено и да се почувствуваат безбедни и чуени од тој што раководи со неа. 

 

 

Потребна е работа на многу полиња, со голем број предизвици да се соочиме, за Ѓорче да стане една модерна општина, која што ќе диктира развој на градот, а не општина којашто брзо треба да се помине за да се влезе во градот Скопје. Ѓорче е западната порта на градот којашто како лице на градот треба да изобилува со убавини и креации, со цел поголемо време да се помине во општината, нудејќи услови и содржина за сите генерации.

Неколку столба од мојата програма како кандидат за Градоначалник се темелат на хумано и урбано планирање на површините во општината, кои се останати на располагање. Верувам дека тоа е основа за развој на една општина. Иако е процес кој треба да е континуиран и да обезбеди хуманизација на просторот и унапредување на животната средина и природата, некаде попатно застанал во развојот. Рамномерниот просторен развој треба да е основа во овој процес кој ќе понуди нормални услови на граѓаните, нивна, но и заштита на околината, односно целокупна можност за развој. Повеќе од јасно е дека за ова се неопходни инвестиции, кои во изминатиот период недостасуваа, а интензивно треба да се работи на тоа поле. Општина Ѓорче Петров има идеални услови за развој на бизнисот, развој на идеи, основање на мали и средни претпријатија, но и привлекување на млади претприемачи. Факт е дека на почетокот сите они би го поднеле товарот за развојот и креациите на самата општина во насока која би била соодветна за ваков тип на просперитет. Но, тука тие би го креирале својот живот, своите млади денови, но и своите семејства, а не во друга општина, град или држава.

 

 

ДЕНЕС: Има краткорочни и долгорочни проекти, најверојатно би почнале од краткорочните за да се види првиот ефект од вашата работа. Со што би почнале, а со што би го финиширале вашиот мандат?

ЈАНЕВСКИ: На Ѓорче упорно му недостасува долгорочна стратегија за развој, како и на повеќето општини во градот Скопје, можеби и пошироко. Неопходна е стратегија во која ќе се отцртаат краткорочните, среднорочни и долгорочни цели. Долгорочните стратегии се насочени кон рамномерен развој за сите жители на општината, услови за сите граѓани кои се дел од неа, без разлика дали живеат во рурален или урбан дел на нејзината територија. Ѓорче нуди можност за урбанизација и модернизација, која би започнала со мали, но брзи чекори и краткорочни проекти  во насока на создавање на една зелена општина. Тоа значи поголем број на зелени површини, нови 3-4 паркови  безбедни за деца и опции за активности за млади, паркови за миленици, спортски терени и бројни опции за спорт, со што би го вратиле на нивото на кое беше пред 20тина години. Ѓорче треба да е општина во која што младите ќе креираат политики со можност за прераснување во своевиден хаб за свежи и прогресивни идеи. Тоа ќе привлече и инвестиции, кои со добро управување и менаџирање ќе овозможат раст на општината. Сметам дека е потребно да се создаде најмалку едно јавно претпријатие со кое ќе управува самата општина, а ќе овозможи поголем број на Јавни приватни партнерства – ЈПП, со  коишто ќе имаме и дополнителни инвестиции. Со оглед на интересите и трендовите, повеќе од атрактивни се руралните делови на Ѓорче коишто се блиску до границата со Косово, а нудат можност за правење на велосипедски и планински патеки и различни опции за развој на авантуристички форми на туризам. Визијата за општината не е само асфалтирање на улици и реставрирање на неопходна инфраструктура, туку многу повеќе од тоа. За тоа граѓаните и компаниите плаќаат комуналии и даноци, но доколку нема буџет, има знаење кое ќе овозможи соработка со странски донори, проекти и начини како да се обезбедат средства со кои ќе се збогати содржината и задоволат потребите на жителите во општината. 

denesmagazin.mk