Во Црвена Вода прославен Денот на издавањето на Манифестот до македонскиот народ од 1943 година

Сподели

 

Мештаните од историското село Црвена Вода, во славна Дебрца, традиционално, пред некогашната училишна зграда, сега Спомен дом на ослободителната антифашистичка борба од Втората светска војна, го прославоја 3. Октомври – Денот на издавањето на Манифестот до македонскиот народ од 1943-та година.

 

 

Организатори на прославата, покрај Месната заедница во селото, беа и од Боречката организација за општините Охрид и Дебрца, како и Организацијата на ветераните од безбедноста и одбраната од истите општини.

-Ја славиме годишнината од Издавањето на Манифестот до македонскиот народ, од страна на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, првиот официјален печатен документ на македонски јазик. Овој документ, ги навести следните историски одлуки од заседанието на АСНОМ во св.Прохор Пчински. Од оваа зграда, тргнаа делегатите, тука беа избрани народните претставници – како Асномци така и Авнојци. Со оваа зграда и ова село, поврзани се најзначајните атрибути на македонската државност, рече генерал Филип Котели, претседател на републичката асоцијација – Сојузот на ветераните од безбедноста и одбраната.

Генерал Котрели, упати порака до македонската јавност, посебно до младите, да ја почитуваат историјата, да се напојуваат од историските вистини и херојството на борците од антифашистичката војна што е особено значајно сега, кога, недобронамерни земји-сосетки, како и поединци, ги прекројуваат историски факти, на штета на македонската нација и опстојност.

Денот, 3. Октомври е патронен празник на општина Дебрца,чии претстатвници положија свежо цвеќе пред Спомен обележјето. Од собирот, уште еднаш, е упатен апел до државното раководство, да се заложи, во иднина, АСНОМ и создавањето на државата да не ги славиме повеќе на гола ливада, во Пелинце, само затоа што локацијата била блиску до Св.Прохор Пчински!?

Ако веќе не можеме да славиме на местото каде е прокламирана македонската држава со сите атрибути и историски документи, тогаш, тоа да го чиниме на местото каде се подготвени, каде беа избрани и од каде тргнаа делегатите.

Како сакаме други да ни ја почитуваат нацијата, историјата, културата и писменоста, кога самите не си се почитуваме, или тоа го правиме на фалш-начин, рече во обраќањето претседателот на Организацијата на ветераните од одбраната и безбедноста за општините Охрид и Дебрца, полковник Добре Вељаноски.

Веле Митаноски