Премиерот Заев утре на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Словенија

Сподели

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев утре, заедно со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, заминува за Република Словенија за да учествува на Самитот на ЕУ за Западен Балкан кој ќе се одржи во Брдо – Крањ.

На Самитот, којшто се одржува за време на словенечкото претседавање со ЕУ и кој ќе ги собере шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ, лидерите на државите на Западен Балкан, како и лидерите на Европскиот совет и на Европската комисија, ќе се разговара за политиките на ЕУ за Западен Балкан во претстојниот период, вклучително и темата за проширувањето.

На овие теми премиерот Заев ќе земе учество во две панел дискусии.

Во рамките на својата агенда на Самитот во Брдо – Крањ, претседателот на Владата Зоран Заев ќе има заедничка работна средба со претседателот на Република Франција, Емануел Макрон, со канцеларката на СР Германија, Ангела Меркел и со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев.

Премиерот Заев ќе има заедничка средба и со премиерот на Словенија, Јанез Јанша, со претседателот на Бугарија, Румен Радев и еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, како и посебна билатерална средба со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

На маргините на Самитот премиерот Заев ќе има билатерални средби и со премиерката на Естонија, Каја Калас и премиерот на Ирска, Мајкл Мартин.