Денес, на дигиталната платформа Zoom беше одржана онлајн трибина, на тема – Во какво Скопје сакаш да живееш? Истата беше организирана од Движењето Одлучно за промени. На трибината, панелисти беа кандидат за градоначалник на Град Скопје – Арбен Шаќири, носител на советничка листа за Град Скопје – Никола Пановски, кандидат за градоначалник на Центар – Антони Новотни и кандидат за советник на Град Скопје – Теодора Крстевска. Модератор на трибината беше лидерката на зелената партија ДОМ и пратеничка – Маја Морачанин.
Целта на оваа трибина беше граѓаните на град Скопје, да имаат шанса поблиску да ги запознаат каднидатите за советници и градоначалници, а воедно да ги кажат своите ставови, мислења, идеи или критики во однос на прашањата поврзани со градските политики. Идејата беше низ конструктивна дебата со граѓаните, кандидатите да се запознаат со реалните проблеми на Скопје и заеднички да се изнајдат решенија за истите.
Панелистите во своите излагања, ги презентираа идеите, проектите и програмите на кои ќе работат, а фокусот беше на зелени политики, социјална правда и еднаквост. Проектите кои ги образложија беа фокусирани на отворени и достапни општини за сите жители, социјална помош и заштита на ранливите категории, современ јавен транспорт и безбедни велосипедски патеки во населените места, стоп за бетонизирање на зелените површини во градот, заштита на постоечките паркови и создавање на нови зелени појаси во населените места, решавање на проблемот со дивите депонии и некотролираната сеча на дрвја.
Професорот Новотни истакна дека ќе се залага за зазеленување на јавните површини, најави забрана за изградба на висококатници во Центар, а најави и затворање на Центар за сообраќај и претворање на истиот во пешачка зона.
Докторот Пановски се осврна на проблемот со велосипедските патеки, но и за недовршените градби низ Скопје за кои час поскоро мора да се изнајде решение.
Бени Шаќири, зборуваше за неодложната промена, Скопје да биде зелен и чист град и нагласи дека ќе се бори Скопје да биде град со кој сите ќе се гордееме.
Теодора Крстевска, како претставник на младите, ја потенцираше важноста на социјалните политики и инклузијата на младите и жените во политиката, Теодора истакна дека е особено важно да се слушне гласот на прогресивните млади интелектуалци и нивните идеи за тоа како треба да изгледа еден еврпски град на солидарноста.
Лидерката на зелената партија ДОМ и пратеничка – Маја Морачанин, ја затвори трибината со кратко излагање во кое потенцираше дека сите сакаме да живееме во чисто, зелено и хумано Скопје, сите сме обердинети во желбата и посветеноста да обезбедиме здрав и квалитетен живот, помалку сообраќај и градоначалници и советници кои ќе бидат отворени за граѓаните.
Во конструктивната дебата беа вклучени скопјани, но и граѓани од останатите градови во Македонија, па истите имаа прилика да поразговараат со кандидатите и да ги споделат своите ставови и мислења за Скопје.