Бугарскиот претседател Румен Радев на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Словенија изјави дека сè додека Бугарите во Македонија подлежат на суптилна асимилација и им се потиснати основните права во однос на другите нации, Бугарија нема да каже „да“ за почеток на преговорите со ЕУ, пренесува бугарската агенција БГНЕС.
Претседателот Радев изјавил и дека очекува македонските Бугари да бидат запишени во Уставот на Северна Македонија, а додал дека, исто така, очекува да се признае „историската вистина“, како што била признаена „историската вистина со Грција“.
Според него, ова не е вето, ниту е запирање на процесот на ЕУ интеграција на земјава, туку Бугарија сакала да се почитуваат основните европски принципи и интересите на секоја земја-членка на ЕУ.
„Нашите европски партнери се повеќе ја разбираат суштината на проблемот со Северна Македонија. Ова е систематска дебугаризација, систематско уништување на бугарското културно и историско наследство, децениски процес на преродба“, изјави Радев од Крањ.
На Самитот на ЕУ за Западен Балкан присуствува и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев каде освен со претседателот на Република Бугарија Румен Радев оствари заедничка средба и со претседателот на Република Франција Емануел Макрон и канцеларката на СР Германија Ангела Меркел.