Од постоењето или непостоењето на чувството за мера се прави разликата меѓу културниот и простиот човек, меѓу глупавиот и умниот, меѓу добриот и злобниот, меѓу граѓанинот и малограѓанинот.
Оттука, по количината од практикување на тоа чувство во секојдневниот живот се прави разликата и меѓу културниот град и малограѓанската паланка. Чувството за мера кај политичката и интелектуалната каста, доколку го има, овозможува градот, неговата реална големина и неговото реално значење, да добијат вистинска форма, која пак е основа за правилно планирање на идниот развој. За жал, мора да признаеме, чувството за мера не е многу развиено во нашиот самобендисан град. Дури, се чини, воопшто го нема кај простите малограѓани, полуполитичарите и полуинтелектуалците.
Затоа, кога во нашиот самобендисан град се објаснуваат разните локални културноисториски и општествени феномени, тоа се прави по „законот“ на претерувањето од позиција на ексклузивистичкиот парохијален културен круг и идеалистичката малограѓанска (само)изолација, па тие феномени се идеализираат и хиперболизираат. Така од локално-патриотски позиции, без мера, се величат џуџести градски параспортски и паракултурни „величини“, извикани полуинтелектуалци и вистински насилници и криминалци. Нашите малограѓани заради сопствениот недостаток од чувство за мера, не сфаќаат дека градот има и повредни работи за да се гордее од градските ѕидини, црковните фрески и потпросечните градски фолиранти и проститутки од разни сфери на животот. Фактички, од таквите локално-патриотски позиции на нашата малограѓанштина и буржоазија не се валоризираат феномените според квалитетот, туку по нивната политичка коњуктура. А тоа е, без никакви дилеми, најефемерниот, најпроодниот и најопортунистички момент во градското траење.
Чувството за мера, всушност, треба да значи дека граѓаните реално знаат колку се способни и колку вредат, па оттаму и колку заслужуваат и колку може да добијат. Секој воспитан човек од овој мал град треба да се однесува со почит и уважување кон сите свои сограѓани, но особено тоа треба да го прави кон оние кои несебично придонесуваат за општото добро на сите граѓани и кои го „пропагираат“ името на Градот со своите дела и својата работа насекаде низ светот. Градот, за наша голема жал, безброј пати го покажа и докажа немањето чувство за вистинска мера во односот кон вистински заслужните свои граѓани, кон своите навистина големи и вредни луѓе. А, град без големи луѓе не е Град, туку, без разлика колку е демографски и просторно голем е само една обична – паланка. За да се претвори во вистински град тој ќе мора своите големи луѓе да почне да ги слави и уважува, да ги велича и да го ѕида вечниот спомен на нив.
Луѓето од нашиот психотичен град се изложени на мноштво нервозни и болни состојби. Многу малограѓани имаат ментална состојба со сите елементи на повредена, гнила, ранета психа, која Фројд ја вика траума. Ваквите градски трауми, многу често, се манифестираат или како меланхолично чувство на прегазеност, или пак како еуфорично чувство во кое претерано се зголемува своето „јас“ и своите сопствени субјективни функции. Во двата случаи целосно се губи чувството за мера. Всушност, луѓето тука, во нашиот тажен град немаат мера, оти се губат во фасадите, камењата и тулите од зградите, во „славното градско минато“, во секојдневната трка по пари, имоти и лесна и површна забава. Човекот тука во нашиот безмилосен град подлежи на „законите“ на малограѓанштината и го снемува во „црните дупки“ на злобата, завидливоста и криминалот.
Кратко кажано, во овој град во кого мнозинство се малограѓаните, чувството за мера недостасува и затоа тоа чувство треба да почне, во најскоро време, да се култивира и фаворизира. Секако, доколку оние кои владеат имаат идеја да преземат таква акција и паланката да ја трансформираат во Град. Повторно за жал, познавајќи го менталитетот и неспособноста на владеачите, остварувањето на таквите надежи е многу малку веројатно.