Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.
Неодамна се одржаа третите по ред парламентарни избори во Бугарија, овој пат во пакет со претседателските, кои имаат за цел надминување на политичката криза во која се наоѓа земјата по двата неуспешни обиди за формирање влада. Македонија со посебен интерес ги следи случувањата во Софија бидејќи од политичкиот исход таму, зависи и македонската евро-перспектива.
Односите на релација Скопје-Софија се наоѓаат на историски најниското ниво до сега, иако веќе одминува четвртата година од потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија со кој требаше да биде промовирана новата ера во македонско-бугарските односи, темелена на пријателство, соработка и меѓусебна разбирачка.
Ветото наметнато од владата на Борисов крена огромен ѕид помеѓу двете држави, контаминирајќи го сиот прогрес кој беше направен за приближување на двата народи, па така според направените анкети, само 8% од бугарските граѓани сметаат дека ветото треба да биде тргнато и дека Бугарија треба да даде безусловна поддршка на Македонија, а од друга страна процентот на македонски граѓани кои сметаат дека Македонија направила премногу отстапки во изминатиот период и дека нема простор за дополнителни отстапувања кога станува збор за македонско-бугарското прашање изнесува 54%.
Кога сето ова ќе се стави на вага, станува речиси невозможно да се дојде до решение, не само заради длабоката поларизација помеѓу двете општества, туку и поради националните позиции кои ги имаат двете држави, а кои се изгласани во македонскиот (2021) и бугарскиот парламент (2019), од кои тешко некој би можел да отстапи без да има негативни политички последици. Имајќи ја предвид и комплицираната политичка ситуација и кај нас и кај нив, практично е невозможно да се дојде до решение во кус рок, иако станува збор за апсурден спор и вето кое не е ставено поради европските критериуми, туку поради историски причини кои немаат допир со реалноста.
Ќор-сокак во Историската комисија
Можеби едни од позначајните сигнали дека сме во ќор-сокак и дека не се гледа излез од проблемов се позициите на членовите на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски прашања. Имено, ко-претседавачот со комисијата од бугарска страна Ангел Димитров, неколку дена пред одржување на состанокот кој беше закажан за 21 и 22 октомври, изнесе доста остри критики во јавноста, не само кон Македонија, туку и кон меѓународната заедница. Димитров ги обвини ЕУ и САД дека манифестирале двојни стандарди кон Бугарија и дека се вршел надворешен притисок кон нив, а дека неговите македонски колеги биле чувари на историски митови поради кои не можело да се оствари напредок во работата на комисијата. Тој практично го најави неуспехот на состанокот уште пред истиот да започне, притоа бетонирајќи ја бугарската позиција дека тие нема да попуштат во овој спор и покрај надворешниот притисок кој тие сметаат дека се врши врз нив.
Од друга страна пак, професорот Ванчо Ѓорѓиев кој е дел од македонскиот дел на комисијата, ненадејно објави дека поднесува оставка од работата во комисијата поради, како што вели тој, отворени обиди за политичко влијание врз работата на комисијата што кулминирало на редовната средба преку директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер од МНР. МНР експресно реагираше дека притисоци врз работата на комисијата од страна на министерстовото немало. Дополнително, според Ѓорѓиев, демонстрираните ставови на последната средба од страна на другите членови на македонскиот дел од комисијата, не само што се во спротивност со Резолуцијата за македонските црвени линии усвоена во македонското Собрание, туку и со македонските национални интереси.
Реторика во предизборието
Кога станува збор за темата „Македонија” во бугарската предизборна кампања, главен фокус беше ставен на македонските граѓани кои се чувствуваат како Бугари, нивната позиција во македонското опшстество и нивните права. Бугарскиот технички премиер Јанев изјави дека тие ја поддржуваат евроинтеграцијата на Македонија, но дека Македонија треба да ги признае правата на оние граѓани кои себе си се идентификуваат како Бугари, без тие да бидат репресирани и прогонувани, како што напоменува тој.
Извор: sdk.mk
Слична изјава има и поранешниот премиер и лидер на најголемата политичка партија во Бугарија – ГЕРБ, Бојко Борисов, според кого условот за бугарската поддршка за Македонија зависи од тоа дали бугарската заедница ќе биде впишана во македонскиот устав или не, додавајќи дека поради Македонија, ЕУ и би ја понижила Бугарија.
Можеби и најеклатантниот пример дека бугарската политика како главен фокус сега го има прашањето со македонските граѓани кои се декларираат како Бугари е средбата на бугарскиот претседател Румен Радев со здруженија и организации на Бугарите во Македонија. „Македонските Бугари, нивната рамноправност во политичкиот, општествениот, културниот и економскиот живот во РС Македонија и стриктното исполнување на Договорот за пријателство од 2017 година се клучот од вратата на Европската унија“ – изјави Радев по средбата со здруженијата.
Ставот на меѓународната заедница
На почетокот на октомври во Брдо, Словенија, се одржа самитот ЕУ-Западен Балкан кој требаше да означува еден вид континуитет на поддршката што ЕУ ја дава кон Западен Балкан. По однос на Македонија, на Самитот се спомена т.н План 5+1 како обид за решавање на спорот, а накусо беше и објаснет од страна на МНР Османи. Во предлогот е предвидено македонскиот јазик да се именува во Европската унија, а Бугарија да има унилатерална изјава за нивниот став кон именувањето на јазикот. За Планот 5+1 веќе со недели не се зборува во јавноста со оглед на фактот дека имавме избори и во Македонија и во Бугарија, па фокусот не беше насочен кон изнаоѓање решение.
Од друга страна пак, САД исто така имаат интерес овој спор да биде надминат што поскоро, бидејќи станува збор за две членки на НАТО, а секој конфликт помеѓу две земји членки ја ослабнува Алијансата и остава простор на трети сили да продрат во регионот. На 20 октомври, во заедничка изјава на Борел и Блинкен по средбата која ја имаа во Вашингтон, објавија дека ЕУ и САД се обврзале дополнително да го зајакнат нивниот заеднички ангажман на Западен Балкан за поддршка на напредокот на регионот.
Дополнително, САД преку својот специјален претставник за Западен Балкан – Габриел Ескобар, за време на дискусијата со конгресната група за македонско-американско пријателство, во Претставничкиот дом, ја покренаа темата за македонското малцинство во Бугарија и непочитувањето на 16-те пресуди од Судот за човекови права во Стразбур, кои се однесуваат на нарушувањето на човековите права на лицата кои се декларираат како Македонци во Република Бугарија. На ова се надоврзува и писмото испратено до бугарскиот амбасадор во Вашингтон од страна на Конгресот во САД кој укажува дека блокадата на Софија треба да биде тргната бидејќи е во целосна спротивност со стратегијата на САД и работи во интерес на други страни.
Со оглед на тоа што очигледно е дека Македонија ќе има потреба од поддршката на нејзините стратешки партнери во овој спор, ваквите пораки се охрабрувачки, односно добро е да се знае дека нашите позиции ги разбира и меѓународната заедница, подобрувајќи ја така нашата позиција барем малку, во овој апсолутно асиметричен спор.
Резултати од изборите во Бугарија
Победник на парламентарните избори е движењето „Ја Продолжуваме Промената” предводено од Кирил Петков (министер за економија во претходната техничка влада), сега кандидат за премиер и Асен Василев (министер за финансии во претходната техничка влада), сега повторно претендент за министерската функција која раководи со финансиите. Тие најавија поинаков пристап по однос на спорот со Македонија, кој нема да биде базиран исклучиво на историја, туку и на култура, инфраструктура, економска и бизнис соработка, но не даваат никаква гаранција дека во декември ветото може да биде тргнато и сметаат дека е потребно време и стекнување меѓусебна доверба која би се градела преку повеќе експертски комисии во повеќе области. Петков и Василев го поддржуваат актуелниот претседател Радев во неговата кандидатура за втор претседателски мандат и се очекува да бидат водечка политичка сила во идната влада.
Втора политичка сила на изборите е ГЕРБ на Бојко Борисов за која нашата јавност веќе е добро информирана и чии позиции се одамна познати. ГЕРБ е партијата која го стави ветото на Македонија и која го наруши кредибилитетот на целата ЕУ не само во земјава туку и во регионов. Се очекува ГЕРБ да остане во опозиција поради немањето коалициски капацитет за состав на било каква влада.
Понатаму следуваат ДПС, или популарно наречената Партија на Турците, кои го поддржаа кандидатот на ГЕРБ, па социјалистите БСП и ИТН на Слави Трифонов, кои го поддржуваат Румен Радев.
Она што може да се очекува е да се формира влада помеѓу партиите кои го поддржаа Радев за претседател, односно ПП, БСП и ИТН, додавајќи ја тука и ДБ – Демократска Бугарија. Овие четири партии кои се т.н анти-ГЕРБ или анти-Борисов, имаат доволен број пратеници во новиот парламентарен состав за да создадат мнозинство и влада. Преговорите помеѓу нив продолжуваат во наредниот период, а се очекува Румен Радев како повторно избран претседател да биде и покровител на таа коалиција, како човек со најголема политичка моќ во Бугарија во моментов.
Со оглед на тоа што две од овие четири партии имаат цврст став кон Македонија, тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор со кој би се одблокирал македонскиот евро-интегративен пат, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.
Пред нас е еден долг, тежок и макотрпен процес за кој е нужно сите политички субјекти кои ги претставуваат граѓаните да имаат јасен и цврст став.