КАКВА ЛЕВИЦА НИ Е ПОТРЕБНА? – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Капитализмот, за жал, како општествено уредување веќе е „нормализиран“, а неолиберализмот како идеологија хегемоно и непречено владее со мозоците на луѓето.

Александар Литовски

Концептот на социјализмот како светски процес за создавање на едно праведно општествено-економско уредување е дескридитиран од политичко-пропагандните центри на моќ. Левицата е политички маргинализирана. Социјалдемократија се откажа од сопствениот социјалистички идеал. Фактички, кризата на левицата воопшто, а во тие рамки особено на европската социјалдемократија, беше предизвикана од загубата на верба во можноста да се достигне праведно општество, заради загубата на визијата за бескласно општество, заради идеолошката мимикрија, заради екстремниот политички и економски прагматизам. Се чини дека денешната политичка левица е истрошена, има вградена „фабричка мана“, па идејно и практично-политички се тетерави, паѓа, лута, се губи…, па не може да понуди одговори на современите глобални и локални проблеми, ниту може да понуди алтернатива на корпорацискиот криминален и антихуман капитализам и неолиберализам.

Нашите самодекларирани „левичари“, или поправо речено лумпенлевичари, не само што при првата „кривина“ излетаа од траекторијата на левичарската идеологија и пракса, не само што извршија предавство на левичарските каузи, туку прикажаа одвратното лакејство кон македонската олигархија и ја прифатија како најсвоја политиката на десничарите за масовен бандитизам, правење скандали и изведување на најразлични политички и финансиски измами. Тие, всушност, единствено останаа доследни во – предавството на идејата, државата и нацијата. Тие денес гровтаат над коритото со помија останата зад малкутемина вистински македонски тајкуни и предаваат и продаваат сè што може да се предаде и продаде, оти нив не им е до идејата и принципите, туку до гозбите, до банкарските сметки, до проститутките, до државните награди, до ордените и медаљите, со еден збор до сето она што е граѓански идеал на сиот денешен онечовечен свет.

Нашите „левичари“, ако воопшто можат така да бидат идентификувани и именувани, и нивните „мудри интелектуалци“, прочитале неколку книги од Фридман, Кејнс, Попер, Фукујама и слични „филозофско-економски величини“ и сфатиле дека западната „демократија“, Богот творецот и либералниот капитализам ќе го спасат светот од пропаѓање, па сето тоа во нивниот мозок се заплеткало и бетонирало, заради што помислиле дека навистина настапил „крајот на историјата“ и тие без мака вечно ќе владеат и ќе уживаат во удопствата на нивното „царство“. Всушност, нивната сива мозочна маса е во затруена и скапана состојба, а логиката им е продупчена како решето, па сопствените глупави предубедувања и религиозни верувања, како и сопствената морална и нервна дезорганизација, ги продаваат како – непореклива вистина. Тоа што сè околу нив пропаѓа во неврат, тоа што глобалната еколошката катастрофа е јасно видлива, тоа што целиот свет е измрцварен од олигархијата како од побеснети диви свињи, тоа што милиони и милиони се колат, страдаат и гинат во суровите војни низ земјината топка, тоа што луѓето масовно осиромашуваат и се несреќни и незадоволни, тоа што сето богатство се концентрира во грст дебели буржуи, ним не им е доволно ниту за раска да се посомневаат во своите фикции и во неолибералните методи на владеење.

Нам, сега и овде, доколку сакаме прогрес, потребна ни е идеолошки профилирана, политички борбена и искрена левица. Потребна ни е левица како политичка сила која ќе носи промени и поквалитетни услови за живот. Левица која ќе бара алтернативни патишта на постоечкиот неправеден и недемократски општествен развој. Левица која ќе ги скандализира и дескридитира национализмот, корпоративизмот, потрошувачката култура, лажниот патриотизам, десничарскиот популизам и неофашизмот. Потребна ни е левица која ќе се избори и ќе обезбеди за сите граѓани осумчасовен работен ден, платен годишен одмор, бесплатно основно, средно и високо образование, бесплатно користење на предучилишните установи, законска заштита на вработените од малтретирања и отпуштања, бесплатна медицинска нега за сите и платено породилно отсуство за жените, финансиски погодности за обезбедување пристојни домови. Ни треба левица која ќе ги реафирмира и имплементира идеите за солидарност и економско здружување, која ќе го реафирмира работничкото самоуправување како највисок степен на цивилизациско достигнување во општествено-економските односи меѓу луѓето. Сето друго, е само постепено назадување и болно пропаѓање.