Сијарто: ЕУ повторно го остави Западниот Балкан „на суво“

Сподели

 

 
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска му беше домаќин на министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, кој е во еднодневна работна посета на нашата земја.
 
 
 

 

Двајцата министри разговараа за развојот на на повеќесекторската соработка меѓу двете земји, а особен акцент беше ставен на актуелностите во однос на внатрешно-политичките состојби во земјава како и последните дејствија поврзани со европската интеграција на Северна Македонија, но и на регионот.

Османи во оваа прилика го поздрави успехот на словенечкото претседателство да обезбеди консензус за Извештаите на Комисијата за земјите од Западниот Балкан, како и за заклучоците на Европската Унија за регионот, што е аргумент дека и покрај големите предизвици со кои се соочуваме, Европската Унија останува и присутна и посветена на Западниот Балкан.

 

 

„Сепак, овој делумен успех на словенечкото претседателство, барем овде кај нас, влезе под длабока сенка на неуспехот на Унијата да обезбеди консензус во операционализација на сопствената одлука од Март минатата година за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Свесни сме дека одлуките на Советот на ЕУ се носат со консензус, но сѐ помалку граѓаните на нашите земји имаат разбирање за тоа на каков начин и со какви аргументи се користи таа привилегија од некои земји – членки. Неспорно е дека довербата во процесот на проширување е најниско ниво, а тоа го загрозува кредибилитетот и на целата Унија и создава нови кризи во целиот регион. Но наша обврска не е да гледаме со разочарување на неуспесите, туку да ги следиме предизвиците и да нудиме решенија. Ние остануваме посветени на процесот на интеграција во Европската Унија, што преставува наш стратешки интерес и можам да ве уверам дека продолжуваме да работиме и со нашите соседи со несмалено темпо. Предалеку сме отидени во овој процес за да се откажуваме, но искрено, се надевам дека со новата политичка гарнитура, почнуваме и нов визионерски процес на доверба меѓу двете држави”, истакна Османи.

 

 
“Северна Македонија заслужува да го продолжи својот европски пат до полноправно членство во ЕУ, и затоа пораките на поддршка и охрабрување не само што ги сметаме за пријателски чин, туку и како неопходен импулс за да продолжиме во справувањето со предизвиците кои го кочат европскиот процес на земјава и на регионот”, изјави Петер Сијарто.
 
“Изминатата седмица ЕУ повторно го остави Западниот Балкан „на суво“. Будимпешта е незадоволна и исфрустрирана од немањето одлука за преговори за Македонија и за Албанија.
 
Сијарто критиките главно ги насочи спрема Брисел, место кон Бугарија, која ја замоли да не прави повеќе пречки на Македонија да ги почне преговорите, туку националните прашања што ги има да ги решава додека тие траат.
 
„Ги замолувам пријателите од Бугарија своите национални прашања да пробаат да ги реализираат  во текот на преговорите за членство, а не со попречување на нивниот почеток“, рече Сијарто, додавајќи дека кога би се прашувала Унгарија, Македонија веќе ќе ги имаше почнато преговорите со Унијата.