Претседателот Зоран Заев и министерот за здравство д-р Венко Филипче, на директорите и менаџерските тимови на клиниките од јавното здравство кои најнепосредно беа вклучени во борбата со пандемијата од КОВИД-19, денеска им ги предадоа плакетите што ќе им бидат врачени на над 8.000 здравствени работници во земјата за нивното пресудно и исклучително важно учество справувањето со последиците од вирусот и епидемијата.
На настанот на кој започна со едноминутно молчење во спомен на починатите од КОВИД-19, премиерот Заев истакна дека беа преземени соодветни и ефикасни мерки за да се запре фаталната природа и непредвидливоста на вирусот, да се намалат ризиците и да се пружи соодветна терапија и медицинска нега на заболените.
„Заедно со министерот Филипче и со останатите во тимовите непосредно задолжени за справување со пандемијата, како и со сите вработени во здравството кои несебично се ставија целосно на располагање со сите свои капацитети на првата линија, создававме соодветни мерки за да обезбедиме сигурност за секој граѓанин поединечно, како и за општеството во целост. Благодарение на навремените мерки и одлуки, македонскиот здравствен систем во текот на целата ковид криза функционира без застој. Најважна и пресудна улога за тоа остварување имавте вие – здравствените работници“, нагласи претседателот на Владата Заев.
Признанијата што денеска ќе ви бидат предадени за да им ги поделите на вработените, нека бидат прифатени како спомен за вашето пресудно и исклучително важно учество во нашата заедничка борба против КОВИД-19 и во справувањето со последиците од пандемијата.
Тоа се признанија што Владата ги доделува во име на народот и во име на благодарноста за тоа што вие и вашите колеги останавте до крај посветени и дадовте сè од себе за да го спасите, зачувате и подобрите здравјето на нашите граѓани, на вашите пациенти.
Огромен товар падна на вашиот грб и ја заслужувате најголемата почит и благодарност за хуманоста, грижата и пожртвуваноста. Во оваа борба со КОВИД-19 вие сте хероите. Ви благодарам од името на целиот наш народ“.