Британската премиерка Тереза Меј го извести претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, дека Велика Британија се откажува од преземањето на ротирачкото претседателство со Европската Унија, соопшти британската влада.
Лондон би требало да го преземе шестмесечното претседавање со ЕУ од јули следната година, по Малта, а пред Естонија.
Меј му ја пренела одлуката на Туск за време на телефонски разговор.
– Премиерката предложи Британија да се откаже од ротирачкото претседавање со Советот – соопшти портпаролот на британската влада.
Одлуката е донесена речиси еден месец откако Британците на референдум гласаа за излез од Европската Унија.
Во меѓувреме, Белгија соопшти дека е подготвена да го преземе ротирачкото претседателство со Европската Унија од Велика Британија.
– Белгија е подготвена да го преземе тоа претседателство, доколку тоа се побара од нас – изјави портпаролот на белгиското министерство за надворешни работи за француските медиуми.
Сепак, конечната одлука за тоа кој ќе го преземе претседателството денеска ќе ја донесат амбасадорите на ЕУ.