ИДУЕП: Политичарите присутни на социјалните медиуми само со класична промотивна содржинa

Сподели

 

Носителите на извршната власт – Претседателот и Владата во целост биле онлајн, а бројот на активни градоначалници на социјалните медиуми пораснал за 3 споредено со 2020 година и изнесува 80 од вкупно 81. Политичарите и јавните институции се присутни на социјалните медиуми само кога сакаат нешто да соопштат, да се одбранат или да нападнат, а мислењата од граѓаните речиси се неважни, покажа редовната годишна Анализа на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).

„Повторно наидовме на веб-страници на јавни институции кои не се фокусирани примарно на потребите и услугите за граѓаните, туку главно кон промоција на функционерите, односно објава на класична промотивна содржинa“, вели Бојан Кордалов, комуниколог и автор на оваа анализа изработена за потребите на ИДУЕП.

Кај Претседателот на државата, според, анализата, има покажува позитивно непроменет резултат. И во 2021 година, како и претходните две, претседателот бил истовремено присутен со своја официјална веб страна, како и онлајн активности на Фејсбук, Твитер и Инстаграм.

Пад за 4 споредено со 2020 година или 115 од вкупно 120 пратеници во Собранието биле активни на Фејсбук минатата година. Анализата покажува и пад за 2 на бројот на активни пратеници на Твитер, односно вкупно 24 биле активни на оваа социјална мрежа. Состојбата на Инстаграм останува непроменета каде свои онлајн активности во 2021, како и во 2020 година имале 35 народни избраника.

Раст на онлајн комуникацијата со граѓаните преку социјалните медиуми е забележан кај Владата. Секој член на владиниот кабинет или 20 од вкупно 20 министри биле активни на Фејсбук и во 2021 година. Твитер бил изборот на 16, додека Инстаграм на 15 министри, што е раст за 1 споредено со 2020 година. 13 министри биле истовремено активни на сите наведени платформи, што е подобрување за 3 споредено со 2020 година кога вкупниот број на активни министри на наведените платформи изнесувал 10.

Трета година по ред, оваа Анализа ги опфаќа го онлајн присуството на министерствата и веб платформата на Владата. Свои официјални веб страни во 2020 година имале сите 17 институции, а сите 17 биле активни на Фејсбук, 8 на Твитер, а 5 присутни на Инстаграм. За прв пат нема случај кога некое министерство не нуди можност да биде контактирано од граѓаните преку социјалните медиуми, што претставува напредок споредено со 2020 година кога таква можност не нудеше 1 министерство, а особено со 2019 кога оваа опција не ја обезбедувале дури 5 министерства.

Мал напредок се забележува и во делот на активното користење на социјалните медиуми кај единиците на локалната самоуправа. 80 од вкупно 81 градоначалник биле активни на Фејсбук во 2021 година, бројка која е за 3 градоначалници зголемена споредено со 2020 година.

На Твитер во 2021 година биле активни само 6 градоначалници, додека на Инстаграм тој број изнесувал 37. Споредба со 2020 година: 7 градоначалници на Твитер, а 32 на Инстаграм; во 2019 година: 5 градоначалници на Твитер, а 25 на Инстаграм.