За да постигнеме побрзо надминување на економските последици од кризата предизвикана од Ковид 19 и истовремено да се стремиме кон забрзан економскиот раст и развој, надлежните институции задолжително мора да се стават во функција на реалниот сектор и да креираат подобро деловно окружување, истакна Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори на Македонија на денешната прес-конференција.
Одлуките кои се носат треба да бидат во насока на олеснување на деловната активност на бизнис секторот, а не тие да продуцираат отежнати околности кои ќе го стопираат развојот на претпријатијата.
Комора на сметководители на Македонија континуирано се залага за унапредување на сметководствената професија и зачувување на дигнитетот на сите сметководители. Во оваа насока, години наназад апелираме за прекратките рокови за поднесување годишни сметки и финансиски извештаи и бараме системско решение за овој проблем.
„Законот за трговски друштва пропишува дека роковите за поднесување годишни сметки во Македонија се до 28 февруари за хартиено и 15 март за електронско поднесување, што соредбено со сите европски земји се далеку пократки. За споредба, во Хрватска овој рок е до 31.03, во Словенија и Германија е до 30.06, а во Франција и Шведска е до 31.07. Од овие причини, останува нејасно зошто Mминистерството за економија продолжува со игнорирање на проблемот. Комората уште во октомври 2021 година достави барање до Министерот за навремено интервенирање, повикувајќи се на правото дадено во член 477 од Законот за трговски друштва, каде што министерот може да ги продолжи роковите за дополнителен месец, без законски измени. Во меѓувреме, во повеќе наврати се побарани и средби, но очигледно нема интерес за добросостојбата на 10.000 професионалци од дејноста“, изјави Ана Тасевска, потпретседател на Комора на сметководители.
Во услови кога се уште се соочуваме со проблеми поради ограничени човечки и временски ресурси и намалени капацитети, а дополнително и најавата за продлабочување на кризата со новиот бран на пандемијата, од исклучителна важност е позитивното постапување по барањето на Комората за продолжување на роковите за еден месец од постоечките, согласно член 477 од ЗТД, ставајќи ги човечките животи пред било какви статистички податоци.
„Имајќи ја во предвид чувствителноста на ситуацијата, а пред се за зачувување на дигнитетот и добросостојбата на колегите сметководители, потребен е одговор веднаш, да не се доведеме повторно во алармантна ситуација за кусо пролонгирање на роковите на само два дена пред истек на истите“, истакна Тасевска.
Нефункционалноста на државните системи особено се истакна во пандемијата. Додека сметководителите како единствената алка меѓу државата и стопанството, мораа да ги запазат сите пропишани рокови за даночни пријави, економски мерки и сите останати дополнителни обврски кои ни се наметнаа, на страната на институциите изостанува обврската за запазување на роковите што самите си ги пропишале, за што подоцна штетата ја сноси бизнисот.
„Во изминатиот период од страна на Управата за јавни приходи пристигнуваат решенија за враќање на користената финансиска поддршка во 2020 година и истите се со повеќе месечно задоцнување. Односно, иако датумот на решенијата е 24.12.2021 година, а роковите за враќање на поддршката се веќе поминати – 30.04.2021, 31.05.2021, 30.06.2021 или 31.10.2021, 30.11.2021 и 31.12.2021 година, во зависност од месеците за кои истата е користена во 2020 година. Останува нејасно што правела Управата во изминатиот период, па наместо навремено да се изготват овие решенија, истите ги добиваме кога пристигнуваат и новите рокови за враќање на поддршката користена во 2021 година кои почнуваат да течат од наредниот месец“, изјави Тања Накевска, член на Надзорен одбор на Комора на сметководители.
Сметководители се ставени во ситуација да даваат одговори што воопшто не е нивна задача, што е последица на ненавременото постапување и нефункционалноста на електронските системи на Управата.
„Од овие причини, бараме од Управата да ги преземе сите потребни чекори пред ресорното Министерство за финансии и да ги одложи роковите за враќање на поддршката поради своето доцнење. Ова барање денеска и официјално го доставивме до УЈП. Се надеваме дека наместо течење на камати и присилна наплата на долговите, институциите ќе ги согледаат пропустите во своите редови и ќе одговорат соодветно на нашето барање, со цел полесно справување со последиците од пандемијата“, истакна Накевска, од сојузот на стопански комори.