Колумна Текстови Ударни вести

Што не чека ова година?! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели:

 

Аристократска дама му се обраќа на славниот композитор Gioachinо Rossini: „Дали е вистина дека фосфорот од месото на рибата ја зголемува човечката интелигенција?“„Да секако“ – одговорил тој. „Но, која риба би ми ја препорачале мене“- продолжи дамата. „Па треба да изедете eден цел кит“- одговорил композиторот.

Мерсел Биљали

Неодамно, францускиот претседател Макрон, повика на „повторна посветеност“ и „инвестирање“ од страна на ЕУ во Западен Балкан, поради „новите тензии“ во регионот и „мешањето на регионални сили“ кои сакаат да ја дестабилизираат Европа. „Денес има нови тензии во таа област. Историјата таму се повторува, а понекогаш е трагично“- рече тој, најавувајќи европска Конференција за регионот што ќе се одржи во јуни оваа година.

Вистина ли така е убеден Макрон или тоа е само предизборен блеф – промовирајќи се за спасител на мирот во Европа! Или пак, се работи за амбиција да се заземе испразнетото европско лидерско место по Меркел! Или пак двете! Лично Макрон, со неговата теза – првин реформи во ЕУ, а потоа проширување, која заврши со некаква флуидна нова методологија за преговори со државите претенденти, допринесе да се загубат цели три години процес. Токму поради тоа сега страдаат и Македонија и Албанија, оти Бугарија сега бара љубов со сила! А на неодамнешиот самит во Брдо кај Крањ, се увиде дека ЕУ нема ниту сила, ниту волја за брзо приклучување на регионот во ЕУ.

Макрон повика и на „повторно инвестирање“ во Западен Балкан. А статистиката вели дека Франција не е меѓу првите десет инвеститори во повеќето земји од Западен Балкан. Франција исто така не е важен трговски партнер за овие шест земји. Германија, на пример, извезува седум пати повеќе од Франција; Италија 5,8 пати повеќе; а малата Словенија четири пати повеќе. Иста е ситуацијата и кога се работи за увоз; Германија увезува десет пати повеќе од Франција од Западен Балкан, а Италија седум пати повеќе. Епа, можеби некој ќе треба да сфати дека логиката ве носи таму каде што треба, а илузијата таму кај што сакате!

Од друга страна и ЕУ не е веќе таа што била. Таму веќе не се во мнозинство водачи на кои умот им е пред амбициите. Таму има раскол во повеќе сфери, па и регионално – меѓу исток и запад. Почна Орбан, продолжи Качински. ЕУ има сериозен проблем со популистите и демагозите во сопствените редови, кои имаат голем уценувачки потенцијал. При неодамнешната посета на гарманскиот канцеларот Олаф Шолц во Варшава, го „поздравија” со плакати на кои Меркел и други политичари беа насликани заедно со Хитлер и Гебелс.

Опен Балкан како спас!

Прашањето веќе не е дали преостанатите три земји ќе се приклучат на „Опен Балкан“, туку кога, бидејќи секое одложување многу ќе ги чини нивните економии и бизниси. Апсурдно е Косово да прогласи двомесечна енергетска вонредна состојба поради недостиг на струја, наместо да се сврти кон солидарност во рамките на „Опен Балкан“. Сепак подобро е да запалите една мала светилка отколку цело време да го преколнувате мракот.

На идејата сеуште силно се спотиставува косовскиот премиер Албин Курти, со образложение дека Косово има јасно дефиниран пат, а тоа е членство во ЕУ и НАТО, и дека тоа е обид за формирање четврта Југославија и „Голема Србија“. Слични причини за одбивање користи и црногорскиот претседател Ѓукановиќ и некои водачи во Босна и Херцеговина. Реално, Косово е најизолирана област во Европа, оти нема либерализиран визен режим со ЕУ, па дури и со Босна и Херцеговина, што предизвикува огромни штети за Косово и неговите граѓани. Лидерите на Косово мора да бидат свесни за фактот дека мора да се воспостави соработка за да се изгради единство во регионот, бидејќи на светската сцена конкуренти се регионите, а не државите. ЕУ самата е регионална интеграција, а „Опен Балкан“ е економски кластер што се појавува за таа цел. Поинаку, секој во Брисел оправдано ќе смета дека ако тие балкански регионални држави немаат капацитет да се договорат тука меѓу себе, тогаш како ќе се договорат тука во ЕУ?! Ако им пречи интеграцијата меѓу себе, како тогаш ќе работат заедно во Европската комисија, во Советот, во Парламентот итн?!

Едни српски аналитичари се на мислење дека при таква „унија“, Косово фактички и од самата Србија ќе биде признаена како држава. А членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, кој секој ден ги чепка старите рани за да изгледат свежи, континуирано повторува дека распадот на БиХ е неизбежен, најавувајќи натамошни чекори кон зајакнување на Република Српска кои на крајот би довеле до нејзино отцепување.

А во Албанија одбивањето „Опен Балкан“ го коментираат како желба на влијателни бизнис структури да го сочуваат монополот во своите држави, на штета на слободната конкуренција и општиот развој. Едни бизнис-влијанија не сакаат да се укинат меѓусебните царини, оти голем дел од нивните незаконски стекнувања ги реализираат токму низ царинскиот криминал. А во однос на искажуваните ставови за „големи држави“, тие велат дека „Голема Србија“ пропадна, а „Голема Албанија“ е невозможна.

Перспективата на регионот на Западен Балкан е во меѓусебно разбирање, поврзување и интегрирање, а за да се постигне тоа, неопходно е да се обезбеди траен мир и стабилност. На самитот во Тирана, српскиот претседател Вучиќ рече: „Помалку размислувајте за минатото, а повеќе за иднината“. Опен Балкан е истовремено и мировен и политички проект. Тој ќе го пацифизира регионот, но исто така кога сите шест земји од регионот ќе се обединат со еден глас кон ЕУ, тоа ќе претставува нов квалитет и сила. Ако регионалните држави не можатда се договорат тука меѓу себе, како ќе се договорат во ЕУ?! Ако им пречи интеграцијата меѓу себе, како тогаш ќе работат заедно во Европската комисија, во Совет, во Парламент итн?! Да не се губиме во дискусии за минатото, а иднината да исчезне. 

Моментално, повеќе од 700 компании во регионот увезуваат или извезуваат, па зошто со денови стоката да заглави по границите?! Зошто тие да користат шест вида документи?! Жално е на овај процес да се гледа како на заговор, наместо на процес кој го ослободува целиот пазар од сите административни ограничувања, и кој овозможува побрз заеднички развој и намалување на болниот регионален егзодус на младите. Исто така треба да се знае дека Опен Балкан, не значи замена на ЕУ, туку брза лента за таму.

Пред една година, влијателната „Европската иницијатива за стабилност“, истапи јавно со предлог преку Европската економска зона, земјите од Западниот Балкан да можат да се поврзуваат со заедничкиот европски пазар, со што ЕУ полесно би дишела, оти ќе се ослободи од притисокот за брз прием на државите од западен Балкан во ЕУ, а регионалните држави за возврат би пристапиле кон сериозните реформи. Норвешка, која е богата земја, дури плаќа што е од Европската економска зона, бидејќи тоа нуди големи предности за нејзините граѓани и економија. Западниот Балкан не е богат и му треба помош, па затоа ЕУ треба да ги зголеми грантовите и помошта, бидејќи стабилен и демократски просперитетен значи стабилна ЕУ.

Оттука, регионална конференција треба да има, ама не поради нечии лични калкулации. Таа мора да биде спонзорирана од важни светски актери, за да биде плодна. Нејзиниот пазар ќе го сочинуваат околу 18 милиона жители, а тоа е примамливо и за посилните странски инвеститори, вклучително и за мултинационалните компании. А веројатно поради тоа, од политичката сцена ќе исчезнат сите природни и лажни националисти. Со право вели еден светски филозоф  – „Национализмот е некоја француска измислица, која ни е уфрлена со цел сите да дејствуваме како говеда“. А докажано е дека националистите се во тесна коалиција со ѓаволот, а тој со пеколот. А кај нас нема китови!

Сподели: