Ковачевски: Од министрите во новата Влада побарав чесно и одговорно владеење

Сподели

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска, на прием кај претседателот на државата Стево Пендаровски го претстави новиот владин состав, по изборот од страна на Собранието на Северна Македонија.

 

 

Подвлекувајќи дека добивањето на мандат е обврска и чест која ја презеде со голема одговорност, премиерот Ковачевски изрази очекување за добра соработка со Претседателот на државата во интерес на граѓаните и државата.

„Новата Влада има јасна цел – да одговори соодветно на енергетската криза, да обезбеди сигурност, услови за подобар живот и европска и просперитетна иднина за нашите граѓани. За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење што како одлики ги барав од сите министри што прифатија да бидат дел од тимот, кој заеднички ќе се стреми низ независните институции и правично општество да им служи на интересите на граѓаните“, изјави премиерот Ковачевски по средбата со Пендаровски.

 

 

Посочувајќи ги приоритетите за работа на членовите на Владата, Ковачевски покрај справувањето со енергетската криза, којашто како дел од европската енергетска криза се чувствува и кај нас, како исклучително важни ги спомена и задржувањето и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните, поддршката на компаниите за совладување на економската криза произлезена од енергетската криза, како и исполнување на целите во однос на големите инфраструктурни проекти одобрени во Буџетот за 2022 година како и во законските решенија одобрени во Собранието во месец декември.

„Евро-интеграциите како наша стратешка цел секако остануваат меѓу врвните приоритети. Доаѓа ново време. Од денеска секоја минута од нашето време им ја посветуваме на клучните прашања од интерес на граѓаните. Како прв човек на новата Влада за моја задача и одговорност си ја поставив конструктивната комуникација и соработка со сите чинители во нашето општество како што се граѓанските здруженија и претставниците на опозицијата“, рече премиерот Ковачевски, истакнувајќи дека новата Влада ќе биде високо продуктивна во работењето, посветена на поставените високи цели за кои, како што подвлече е сигурен дека со многу работа и труд ќе бидат реализирани.