Рокот на употреба на вакцината „Фајзер“ секаде во светот е продолжен од 6 на 9 месеци, а не само кај нас

Сподели

 

Не е вистинито тврдењето во постот дека С.Македонија сама решила да го продолжи рокот на фајзеровата вакцина и дека тоа не е случај никаде во светот каде што вакцините се фрлаат, пишува vistinomer.mk.

 

 

Напротив, Македонија е само една од земјите кои глобално го прифатиле фактот што производителот по своите истражувања, утврдил дека ако не е одмрзната, вакцината може да се користи до 9 месеци од датумот испишан на опаковката. Кај нас тоа е направено во координација со Европската агенција за лекови (ЕМА) и Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, по претходно одобрение издадено од европскиот медицински регулатор, односно  ЕМА

 

Рецензираме пост на Фејсбук во кој се проблематизира продолжувањето на рокот на употреба на фајзеровата вакцина против ковид-19 која се аплицира во државава, а притоа се изнесуваат и манипулативни наративи, дека „рокот самите сме си го продолжиле”.

Значи будали сме или што е работава, вакцини со поминат рок секаде во светот се уништуваат, кај нас сами си го продолжуваме рокот, демек ги прашале во Фајзер и тие му рекле во ред е продолжете го рокот за уште три месеци…., се вели меѓу другото во постот

Тврдењето дека С. Македонија самата си го продолжила рокот на траење на вакцината на „Фајзер“ за три месеци, не е вистинито. Тоа е направено во координација со Европската агенција за лекови (ЕМА) и Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, по претходно одобрение издадено од европскиот медицински регулатор, односно  ЕМА.

Исто така, не е точно дека „секаде во светот вакцини со поминат рок се уништуваат” кога станува збор за вакцината на „Фајзер“, која што насекаде во светот, а не само во Македонија, добива продолжување на рокот на траење за 3 месеци, доколку притоа се исполнат одредени критериуми. Еден од тие критериуми е вакцината пред апликација да била соодветно чувана во студениот синџир на минус 90 степени.

Според оваа нова одлука, вакцините кои имаат отпечатен рок на употреба август 2021 година, ќе може да се употребуваат до ноември 2021 година, тие со отпечатен рок до септември 2021 година ќе може да се користат до декември 2021 година. Тие со датум испечатен октомври 2021 година, ќе може да се користат до јануари 2022,  тие со датум ноември 2021 година ќе може да се користат до февруари 2022 година и така натаму. Ова ќе се случува сè до март 2022 година, кога сите вијали со рок на употреба после март 2022 година ќе имаат отпечатен рок на траење од 9 месеци.

Во ноември 2021 година, македонската Агенција за лекови и медицински средства МАЛМЕД објави писмо до здравствените работници во кое ги информира дека рокот на фајзеровата вакцина е продолжен од шест на девет месеци.

Во рамки на рокот за употреба од девет месеци, неотворените вијали може да се чуваат и транспортираат на температура од минус 25 до минус 15 степени еднократен период од најмногу две недели и може да се вратат на температура од минус 90 до минус 60 степени. Ова продолжување на рокот на траење се однесува на вијали произведени по наведениот датум на одобрување односно по 20 октомври 2021 година. Дополнително, ова продолжување на рокот на употреба за дополнителни три месеци може да се примени ретроактивно на вијали кои се произведени пред наведениот датум на одобрување. Пакувањата со означен рок на употреба од август 2021 година до март 2022 година може да се употребат уште три месеци после датумот отпечатен на пакувањето под услов да се чуваат на температура од минус 90 до минус 60 степени, се вели во писмото до здравствените работници.

Лажно е и тврдењето дека секаде во светот се фрлаат вакцини коишто имаат поминат рок, кога тоа тврдење е во контекст на вакцината „Фајзер“. Зошто? Затоа што оваа вакцина насекаде во светот добива дополнителни 3 месеци ,„живот” во фрижидер на минус 90 степени, и тоа на различни континенти во светот, а не само кај нас.

Проверката на „Вистиномер“ покажа дека С. Македонија не е единствената држава каде што вакцините на „Фајзер“ имаат продолжен рок на траење од шест на девет месеци. Ова продолжување на рокот од 6 на 9 месеци е глобално.Такво нешто се случило и во САД, во Мичиген. 

Владата на Мичиген на 30 август 2021 година, добила дополнително известување од американскиот Центар за контрола и превенција на болести каде се вели дека  употребата на вакцината се продолжува за 3 месеци по рокот што е испишан на опаковката.

Американската агенција за храна и лекови одобрила рокот да се продолжи од шест на девет месеци.

Исто соопштение има и во американската држава Ајова. Тоа се темели на известување добиено од американската Агенција за храна и лекови. И во градот Њујорк вакцините на „Фајзер“ се администрираат со истиот продолжен рок на користење. И медицинската организација на државата Њујорк го има прифатено продолжувањето на рокот. Израел уште во август минатата година реши да го продолжи рокот на фајзеровата вакцина за три месеци, под услов таа да не е одмрзната од ултра студените минус 90 степени. И во градот Филаделфија, продолжен е рокот од 6 на 9 месеци.

Министерот за здравство на Виетнам веќе има посочено дека зголемувањето на рокот не е базирано на виетнамски, внатрешни одлуки и политики, туку на интернационални, што укжува дека и во Виетнам, слично како и во Македонија, се појавиле обвинувања дека земјата интерно самата си ги менува правилата за животниот век на фајзеровата вакцина што не е вистина.

Во неговото соопштение до јавноста се вели дека за секоја вакцина, производителите спроведуваат истражувања во реално време за да одлучат до кога е рокот на важност на вакцината. За вакцината на „Фајзер“, откако добила дозвола, производителот продолжил да ја испитува и истражува нејзината ефикасност и стабилност и резултатите покажале дека таа е ефикасна и стабилна во компонентите дури и подолго од 9 месеци ако се чува замрзната на минус 90 до минус 60 степени. Затоа е продолжен рокот, зашто има повеќе релевантни информации за карактеристиките на вакцината, а не по желба на С. Македонија, како што лажно се тврди во постот .

Исто така, вакцината против ковид -19 на „Фајзер“ не е единствената којашто доби продолжување на рокот. Таков е случајот и со вакцината на „Модерна“, чиј рок на употреба е продолжен од 7 на 9 месеци.

И „Модерна“, исто како и „Фајзер“, до медицинските професионалци во Велика Британија испрати писмо со такво соопштение .

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистинито тврдењето во постот дека Македонија сама решила да го продолжи рокот на фајзеровата вакцина и дека тоа не е случај никаде во светот каде што вакцините се фрлаат. Напротив, Македонија е само една од земјите кои глобално го прифатиле фактот што производителот по своите истражувања, утврдил дека ако не е одмрзната, вакцината може да се користи до 9 месеци од датумот испишан на опаковката.