Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски оствари телефонски разговор со премиерот на Хеленската Република Кирјакос Мицотакис, кој му честита на изборот за премиер, и му посака плодна и успешна работа.
Двајцата премиери се согласија дека односите меѓу двете земји се на одлично ниво, и дека ќе продолжи да се гради и зајакнува партнерството. Претседателот на Владата Ковачевски му се заблагодари на премиерот Мицотакис за поддршката што тој во континуитет ја дава за отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и го запозна со некои од резултатите од посетата на премиерот на Бугарија Петков на Скопје и од возвратната посета и заедничката седница на владите во Софија.
„Низ взаемно почитување и дијалог базиран на европски вредности, верувам дека можеме да најдеме решение во интерес на двете земји и народи“, истакна премиерот Ковачевски во телефонскиот разговор со неговиот грчки колега Мицотакис.
Премиерите Ковачевски и Мицотакис разговараа и за економската соработка, соработката во енергетиката, културата и други важни области, при што се договорија и за заедничка средба во рамки на Делфи Форумот во Атина кој треба да се одржи во текот на месец април 2022 година.