ДКСК: Неаргументирани напади со краткотраен ефект од ВМРО-ДПМНЕ

Сподели

 

По повод обвинувањата изнесени во јавноста од страна на политичката партија ВМРО ДПМНЕ за неработење и непостапување на Државната комисија за спречување на корупцијата, Државната комисија смета за потребно да  укаже на следното:

“Силен интегритет на институциите е императив за сите развиени демократски општества. Тргнувајќи од тоа Државната комисија за спречување на корупцијата и судир на интересите, апелира да не се користат неосновани напади кон оваа институција која работи во интерес на сите граѓани, заради што е и основана од Собранието на Република Северна Македонија.

Комисијата работи транспарентно и ажурно согласно своите законски надлежности, за што е информирана целокупната јавност. Резултатите од работењето на Комисијата се јавно достапни, но истовремено сведочат за сериозен напредок во борбата против корупцијата и судирот на интересите.

Наместо неаргументирани напади со краткотраен ефект, ги повикуваме сите граѓани, институции, политички партии, организации и слично да ги пријават сите предмети за кои имаат сомневање за сторена корупција и судир на интереси. Покрај тоа, за да имаме поголем напредок како општество, повикуваме на заеднички заложби за поефикасно и поажурно процесирање на предметите кои ДКСК ги поднесува до надлежните институции кои имаат ингеренции за понатамошно постапување.

За Државната комисија за спречување на корупцијата е од големо значење поддршката од сите поддржувачи на борбата против корупцијата и судирот на интересите, бидејќи само со заеднички напори можеме да создадеме поправедно општество”, соопштуваат од Државната комисија за спречување на корупцијата.