Уставниот судија д-р Осман Кадриу денеска учествуваше во дебата на тема „Улогата на Уставниот суд во заштитата на правото на здрава животна средина”, организирана од Центарот за правни истражувања и анализи во рамки на проектот „Проект за добро управување со животна средина.” Во својот говор ја потенцираше потребата од проширување на листата на слободи и права бидејќи сега е ограничена можноста за поднесување на барања од страна на граѓаните само за правата и слободите предвидени во членот 110 алинеја 3.
“Прашањето на животната средина, природата е мошне деликатно, затоа што денеска со појавата на екоцидот имаме сериозно загрозување и повреда на животната средина. Во еден дел на правната наука со право се подвлекува дека убавото лице на планетата е загрозено од сите страни, а најмногу од страната на човекот. При една ваква ноторна околност, прашањето на животната средина и нејзината заштита се санкционира на ниво на секоја национална држава и во рамките на истата како правно организирана политичка заедница и на ниво на меѓународното право, изјави Уставниот судија д-р Осман Кадриу.
Прашањето на правото за здрава животна средина се санкционира и се уредува со повеќе гранки на правото, преку граѓанско, кривично, управно особено уставното право. Имаме богата правна регулатива со која се уредува, гарантира и треба да се штити ова право. Од аспект на нашиот Устав, она што е новина, животната средина и правото на заштита на животната средина претставува едно ново право кое припаѓа на третата генерација. Уставот и ова право го гарантира во склоп на основните слободи и права , во групата на економските, социјалните културните, образовните слободи и права. Од аспект на правната заштита, најважно е да се потенцира дека Уставот прво го уредува и признава ова право во нормативниот дел на уставот и со конкретни уставни норми. Со одредбите на членот 8 став 1 алинеја 10 и ова право се гарантира како една од темелните вредности. Вториот дел со одредбите на член 43. За да се оствари ова уставно гарантирано право секој граѓанин е должен да правото на заштита, односно на природата, животната средина, да го штити. Кога станува збор за обврската на самата држава, уставотворецот исто така на две нивоа ја прецизира оваа обврска, на заштита и унапредување.
Јас се залагам за тоа да се прошири уставната заштита на листата на човековите слободи и права, во таа листа да биде опфатено и правото на уставно-правна заштита на правото на здрава животна средина, затоа што сега е ограничено само на слободите и правата опфатени во членот 110 алинеја 3. Според сегашната регулатива ова право се заштитува во рамките на основната надлежност на Уставниот суд, а тоа е нормативна контрола на уставноста и законитоста”, додаде Кадриу.