“Има повеќе од доволна количина на брашно во државата, млиновите имаат задоволителна количина на залихи за да ги покријат потребите на домашниот пазар. Нема никаков простор да се создава паника кај граѓаните за непотребно купување на брашно, имајќи во предвид дека сите количини на брашно кои и се потребни на државата ги имаме во моментот”, кажа министерот за економија Крешник Бектеши по денешната посета на млинот „Kokrra e Artë” во Порој, Тетово.
Како што кажа министерот овој млин е еден од најголемите извозници на брашно во земјава и во моментот согласно последната одлука за забрана за извоз на одредени житарици, брашно, и масло за јадење сега продава само на домашниот пазар.
„Сакам да ги уверам граѓаните дека имаме доволна количина на брашно во домашните млинови, а цените на основните прехранбени производи во наредниот период ќе се намалуваат како резултат на одлуките кои што го донесе Владата за заштита на граѓаните од ценовни шокови. До крајот на неделата очекуваме целосна стабилизација на пазарот и во зависност од информациите ќе се укине и забраната за извоз која што беше донесена минатата недела. Наш приоритет е да се грижиме за граѓаните и да ги заштитиме од ценовни шокови“ кажа министерот Бектеши.
Министерот кажа дека институциите се во постојана комуникација со српските власти за обезбедување на дополнителни количини на пченица, што не значи дека не се покриени домашните потреби, туку овие количини се со цел одредени наши компании производители на брашно кои се извозници во регионот, по стабилизација на пазарот да може и да извезуваат и да станат поконкурентни и во време на криза.
Министерот исто така кажа дека за применување на одлуките на Владата терен се инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), а согласно извештајот од минатата недела веќе се изречени и казни за трговците кои што не ги почитувале одлуките.
„Во однос на прекршоците минатата недела ДПИ утврди неколку прекршоци во Скопје во неколку поголеми супермаркети кои се казнети. Се работи за седум супермаркети кои согласно прекршоците се казнети со по 7.000 евра за непочитување на одлуките. Имајќи го во предвид извештајот на ДПИ, Министерство за економија прати допис до Инспекторатот да го применуваат и да постапуваат и согласно Законот за потрошувачи каде што е предвидено ако се повторат такви прекршоци инспекторите може да изречат и казна забрана за вршење на дејност и до една година за нечесни практики кои се прават во трговијата посебно кога има одлуки на Владата“ кажа Бектеши.