Османи: Институциите да го дадат списокот со конечниот сместувачки капацитет за бегалци од Украина

Сподели

 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека списокот со сместувачки капацитети за бегалци од Украина не е довршен бидејќи, како што посочи, постојано се прикажуваат нови капацитети од страна на институциите.

– Тоа што Владата вчера на седница го одобри како список на институции кои МНР ги предложи, а ги собра како информации од неколку институции се од делот на МТСП, тоа се неколку одморалишта со точен број на соби, оспособени за прием на бегалци, од ЦУК беа претставени двата транзитни центра за  поголем број бегалци и одредени други институции. Меѓутоа вчера дадовме уште еден повик до институциите да го дадат конечниот список за да можеме да излеземе и со бројката, информира Османи на денешниот настан за собирање хуманитарна помош за Украина.

 

Според него, бројката е поважна заради тоа што нашиот принцип, како што рече, е секој што ќе дојде на наша граница ќе биде примен и ќе биде згрижен.

Имено, Владата на вчерашната седница ги задолжи Министерството за надворешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата да ги продолжат активностите поврзани со утврдување на капацитетите за сместување и да ги подготват сите активности за организирано прифаќање и згрижување на лицата кои ќе пристигнат во земјата како резултат на бегалската криза заради војната во Украина.

Украинската амбасадорка во земјава Наталија Задоружњук одговарајќи на прашање истакна оти е јасно дека ќе има повеќе бегалци ако ситуацијата се влошува. Нагласи дека е подобро да има преговори, отколку војна, но оцени дека ова не се преговори, туку разговори и консултации.

– Нашите услови се прекин на огнот и повлекување на сите руски трупи, па тогаш вистински преговори, рече Задоружњук.