Граѓаните во Русија добиваат дозирани содржини, во сила се цензорски закони засилени со новоусвоениот Закон од 4 март, со кој е предвидена дури и казна затвор од 10 до 15 години „за свесно ширење лажни вести за руската војска“, пишува Весна Коловска за Вистиномер. Водечките руски телевизии – „Канал 1“ и „Росија 1“ се контролирани од државата, а третата најголема ТВ мрежа, НТВ е сопственост на државниот енергетски гигант „Газпром“. Во Руската федерација работат повеќе од 3.000 радио станици, а државата е основач на трите главни мрежи „Радио Росии“, „Мајак“ и „Вести ФМ“. Во Русија се издаваат над 16.000 регистрирани весници, додека само 22 можат да се купуваат во целата држава. Идентично како и кај телевизиите, и кај весниците најпопуларните имаат провладина уредувачка политика
Видео анкета меѓу граѓаните на руските градови Перм и Владивосток покажа дека поголем процент од анкетираните, не знаат и не веруваат дека руската војска влегла во Украина.
„Никој не го бомбардира Киев. Јас не верувам во тоа“, одговори еден од граѓаните на улица, кога беше прашан од новинарка, која како доказ му покажува и фотографии од бомбардирањата во Украина. Дури еден повозрасен човек рече дека не верува оти има војна.
Путин тоа не би можел да го направи. Да ја окупира Украина?! Зошто? Таму живеат наши луѓе – и во Украина и во Белорусија.
„Но, тоа се случило“ – му вели новинарот во видеото.
Не знам. Тоа не го кажуваат на вести, одговори човекот.
Видеото е најдобра илустрација на состојбата со медиумите во Русија, силно контролирани од руската влада. Граѓаните добиваат дозирани содржини, додека во сила се цензорски закони, засилени со новоусвоениот Закон од 4 март, со кој е предвидена дури и казна затвор од 10 до 15 години „за свесно ширење лажни вести за руската војска“. Телевизијата, според Репортери без граници, и натаму останува медиумот на кој Русите најмногу му веруваат, а токму телевизиските канали во поголем дел се државни или се во сопственост на компании со блиски врски со Кремљ.
Медиуми под директна контрола на Кремљ
Водечките руски телевизии – „Канал 1“ и „Росија 1“ се контролирани од државата, а третата најголема ТВ мрежа, НТВ е сопственост на државниот енергетски гигант „Газпром“.
Тоа се доминантните домашни канали, додека на меѓународен план, главната руска ТВ перјаница е сателитската телевизија на англиски јазик „Раша Тудеј“ („Russia Today“ – РТ), која е финансирана од федералниот буџет. Основана во 2005 година, „Russia Today“, освен на англиски јазик емитува и на арапски, шпански и француски јазик.
Во Руската федерација работат повеќе од 3.000 радио станици. Државата е основач на трите главни мрежи „Радио Росии“, „Мајак“ и „Вести ФМ“. Има голем број на комерцијални станици кои главно се музички радија.
Во Русија се издаваат над 16.000 регистрирани весници, додека само 22 можат да се купуваат во целата држава. Идентично како и кај телевизиите, и кај весниците најпопуларните имаат провладина уредувачка политика, додека неколку влијателни дневни весници се во сопственост на компании со блиски врски со Кремљ.
Медиуми во Русија
Телевизии
Rossiya 1 – национална мрежа, управувана од руската радиодифузна компанија (VGTRK)
Канал 1 – национална мрежа, 51 отсто во сопственост на државата, 49 отсто на приватни акционери
НТВ – национална мрежа, во сопственост на државниот гигант Гаспром
Центар ТВ – во сопственост на градската управа на Москва
Рен ТВ – комерцијална станица со седиште во Москва со силна регионална мрежа, во мнозинска сопственост на медиумскиот холдинг НМГ
RT – државно финансиран меѓународен информативен сателитски канал на англиски јазик
Радија
Радио Росии – национална мрежа управувана од државната радиодифузна компанија (ВГТРК)
Вести ФМ – во државна сопственост
Московско ехо – мнозинска сопственост на државниот Гаспром
Мајак – државна национална мрежа
Руское радио – голема приватна мрежа, музичко радио
Печатени медиуми
Комсомолскаја Правда – провладин таблоид
Комерсант – дневен, бизнис-ориентиран, контролиран од тајкунот Алишер Усманов, близок до Путин
Московски Комсомолец – популарен московски дневен весник во приватна сопственост
Известија – популарен про-Кремљ дневен весник, во сопственост на медиумскиот холдинг НМГ
Росискаја газета – дневен весник во сопственост на владата
Независимаја газета – влијателен дневен весник во приватна сопственост
Аргументи и Факти – популарен неделник, во сопственост на Промсвјазбанк
Новаја Газета – објавува три пати неделно, позната по своето истражувачко новинарство
РБЦ – деловен дневен весник
Ведомости – финансиски дневен весник
Новински агенции / интернет
ТАСС – државна новинска агенција, со превод на англиски јазик
Интерфакс – приватна новинска агенција, со превод на англиски јазик
Lenta.ru – популарен онлајн извор на вести
Москва тајмс – веб-страница за вести на англиски јазик, наследник на сега веќе непостоечкиот весник
Rambler.ru – главен интернет портал
Спутник – државна мултимедијална платформа за меѓународна соработка со сервис на повеќе јазици
Yandex.ru – водечки пребарувач
VKontakte – водечка социјална мрежа
Раскомнадзор – главната цензорска рака на владата
Русија на листата на слобода на медиумите на „Репортери без граници“ во 2021 година се најде на 150 место од 180. Контролата врз медиумите и интернетот од страна на државата се врши преку Роскомнадзор, федерално извршно тело одговорно да обезбеди медиумите да ги следат руските закони и да издава предупредувања кога ги прекршуваат овие закони. Роскомнадзор, исто така, може да го ограничи сообраќајот на страницата на социјалните медиуми, што е негова законска обврска. Руската влада во декември 2020 година донесе Закон за зголемување казни на онлајн платформи и интернет провајдери, а му даде овластување да ограничи или целосно да блокира веб-страници.
Овој моќен државен цензор ја повлече дозволата на германскиот сервис „Дојче Веле“, а медиумот го смести во групата на странски агенти. Потегот беше одговор на повекувањето на дозволата на „РТ“ за емитување во Германија и на интернет платформите. Европската унија ги забрани „Спутник“ и „РТ“ на европско тло, додека високиот претставник за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, оцени дека:
Тоа не се независни медиуми, туку оружје во системот за манипулација на Кремљ.
Како одговор, се зголеми списокот на „странски агенти“, каде се наоѓаат повеќе од 100 странски и домашни медиумски организации и поединци, што го подготви руското Министерство за правда. Законот е од 2012 година и тогаш се однесуваше на невладините организации кои добиваа средства од странство. Неговиот опсег беше проширен во 2019 година и за поединци или организации кои добиваат каква било сума на странски средства и објавуваат „печатени, аудио, аудио-визуелни или други извештаи и материјали“.
И во 2014 година беше донесен Закон со кој се ограничува слободата и на онлајн медиумите. „Законот Луговој“ – именуван по еден од неговите автори, пратеникот на Државната дума Андреј Луговој – дозволува блокирање на сајтовите за вести без судски налог, доколку тоа го бара обвинителството.
Пред и со почетокот на инвазијата на Украина, повеќе странски медиумски компании, кои имаа свои редакции во Русија и емитуваа програма на руски јазик, беа принудени да се повлечат или да ги ограничат своите изданија.
Последна од серијата објави за прекин на својата работа е таа на „Радио Слободна Европа“ (РСЕ/РСЕ), финансирано од американскиот Конгрес, кое соопшти дека го прекинува своето работење во Русија, откако локалните даночни власти започнаа стечајна постапка против рускиот огранок на 4 март. РСЕ јави дека полицијата го засилила притисокот врз новинарите. Ова уследи откако Руската Дума донесе Закон со кој, секој новинар кој отстапува од ставот на Кремљ за војната во Украина може да подлежи на 15 – годишна затворска казна.
Објавата на РСЕ е дел од серијата за затворање или редуцирање на работата на независните медиуми. Во само неколку дена повеќе домашни медиуми затворија или најавија дека ќе делуваат на интернет, а некои од новинарите одлучија да ја напуштат земјата. Меѓу нив и уредникот на ТВ „Дожд“, Тихон Џјадко, кој откако беше затворена телевизијата, замина од Русија заедно со неколку свои колеги.
По блокирањето на веб-страницата на Дожд, налозите на Дожд на социјалните мрежи и заканата кон некои вработени, очигледно е дека личната безбедност на некои од нас е загрозена, напиша на Телеграм, уредникот Џјадко.
Затворањето на ТВ „Дожд“ беше веднаш по стапувањето во сила на Законот со предвидените драконски казни.
Телевизијата при емитувањето на своето последно издание на вести пушти снимка од балетот Лебедово езеро на Чајковски, како потсетување на обидот за државен удар во 1991 година против владата на тогашниот советски лидер Михаил Горбачов. Додека на терен се одвиваше пучот, на државната телевизија постојано се емитуваше балетот, што беше индикација за гледачите дека нешто не е во ред. ТВ „Дожд“ од август 2021 година се најде на листата „странски агенти“ заедно со независниот канал „Медуза“, со седиште во Летонија, популарен и во Русија. Во регистарот на странски агенти се медиуми, новинари и активисти. Покрај „Медуза“ и ТВ „Дожд“, на овој список се наоѓаат и истражувачките изданија „iStories“ и „Insider“, „Радио Слободна Европа“/„Радио Слобода“ (РСЕ/РЛ), ветеранот, активист за човекови права Лев Пономарев, коосновач на организацијата за човекови права „Меморијал“.
Радиото „Московско ехо“ соопшти дека го затворило својот радио канал и веб-страница, додека рускиот независен весник „Новаја Газета“, познат по истражувачкото новинарство на чело со нобловецот за мир, уредникот Дмитриј Муратов, објави дека ги отстранува написите за војната во Украина, со образложение дека руските цензори наложиле да се тргнат тие материјали. Раскомнадзор издаде соопштение во кое ги информира руските медиуми дека:
Се обврзани да ги користат само информациите и податоците што ги добиле од официјални руски извори.
Во соопштението, исто така, се предупредува дека неименувани медиуми шират „непроверени и неверодостојни информации“.
„Би Би Си“ (BBC), чиј сервис исто така е ограничен од страна на руската влада, најави дека и покрај сè ќе остане на терен и ќе известува за настаните.
Пристапот до точни, независни информации е основно човеково право што не треба да му се ускрати на народот на Русија, од кои милиони се потпираат на вестите на Би-Би-Си секоја недела, напиша прес-службата на Би-Би-Си, кратко откако руските власти го ограничија пристапот до нејзината веб-страница.
Ограничувањето, како што соопшти британскиот сервис, е контрапродуктивно. Неделните посети на веб-страница на „Би Би Си“ на руски јазик, како што соопшти компанијата, се зголемени за повеќе од тројно на 10,7 милиони. Сообраќајот од Русија до страницата на„ Би-Би-Си“ на англиски јазик се зголемил за 252 отсто.
Руско медиумско присуство во Македонија
Во Северна Македонија нема регистрирани руски медиуми и нивни сервиси, кои емитуваат своја програма на македонски јазик. Руското медиско влијание доаѓа од српското издание на „Спутник“ , кое е државна мултимедијална платформа за меѓународна соработка со сервис на повеќе јазици, вклучително и на српски. Дел од македонските медиуми, а особено некои од корисниците на социјалните мрежи повремено пренесуваат содржини од српски „Спутник“. Присутна е и веб-платформата „Russia Beyond“ , која е ребрендирано издание на „Руска реч“, која излегува на 14 јазици, меѓу кои и македонскиот јазик. Платформата е создадена, како што стои во објаснувањето за ширењето на руската култура. При прегледување на содржините, речиси секој втор – трет напис е за рускиот претседател Владимир Путин, неговиот лик и дело, а има и содржини од руските градови и за руските достигнувања.
Со години на македонскиот пазар преку издавачката куќа „Колор медија прес“ се издаваат две мрежи списанија, кои потекнуваат од Србија. Најпознати изданија се се „Руски доктор“и „Руски травар“ на издавачката куќа „Новости“, кои се дистрибуираат и преку директен извоз во Босна и Црна Гора и/или преку локализирани изданија во Северна Македонија, Хрватска и Словенија на локалните јазици.
Новинската агенција „Мета“ пред две години објави анализа во која оцени дека „овие списанија продолжуваат комерцијално да ги експлоатираат позитивните перцепции за Русија и нејзината култура кои од претходно беа присутни кај дел од балканското население, при што дополнително придонесуваат да се зајакнат пропагандните позиции на Путиновиот режим“.
Така на пример, во најновиот, јануарски број на македонското издание на „Руски доктор“, ударна содржина на насловната страница е „ексклузивниот“ напис за „10-те тајни на Путин за здравје“ со кој како „тајни“ се претставени правилната исхрана, утринската гимнастика, но и занимавањето со спортови како скијање, хокеј, јавање и риболов кои во најголема мерка се надвор од финансиските можности на целната (пензионерска) публика, пишува во текстот на „Мета“ објавен во јануари 2020 година.
Во списокот на регистрирани весници и списанија на АВМУ (ажуриран на 21.03.2022), „Колор медиа плус“ е запишан како издавач на „Добра храна” и „Руски доктор”.