Колку се лични, личните податоци во Албанија – Јона Копренцка

Сподели

 

Нема повеќе простор за имагинација или претпоставка, сега ја знаеме платата на комшијата, пријателот, братучедот, бившиот колега кој сега работи на друго место, па кој се жали за платата, се знае и платата на газдата и директорот. Станавме општество каде личните прашања му припаѓаат на колективот, пишува Јона Копренцка за РесПублика.

Историјата со прислушување на граѓаните нема крај во Албанија. Јавно се објавени лични податоци како месечни плати, институции каде се вработени и бројот на регистарски таблички на приватни возила. 2021 година заврши со скандалот на партиските активисти кои со години ги прислушувале граѓаните на нивните социјални мрежи, во врска со нивните политички убедувања, вера и роднински врски, дури неколку дена пред изборите на 25 април, кога овие активисти ги објавија јавно и матичните броеви од личните карти.

Прислушувањата продолжуваат

Историјата на прислушување на граѓаните не е завршена, иако од 1992 година Албанија е официјално призната како демократска република. За време на комунистичката диктатура ги нарекуваа шпиони на Државната безбедност, а сега ги нарекуваат „патронажисти” (партиски активисти-ботови), членови на Социјалистичката партија, оние кои извршија кражба и прислушкување на албанските граѓани. Токму премиерот на Албанија Еди Рама, по победата на третиот мандат во април 2021 година, јавно им се заблагодари за „сработеното“.

Никој не претпоставил дека во една папка би можело да бидат внесени името и презимето на граѓанинот, работното место и висината на платата, па дури и регистарските таблички и типот на возилото. Премиерот на земјава Еди Рама, очигледно што не го сфаќа ова многу сериозно. Тој рече: „Протекување на лични податоци имало и во развиените земји како Русија и Обединетото Кралство. А лидерот на опозицијата Љуљзим Баша ја обвини власта за кражба на лични податоци и злоупотреба на државните институции”.

Двајцата специјалисти на Националната агенција за информатичко општество (АКШИ), Ени Ќирјако и Анди Агарај и двајца албански државјани вклучени во агенциите за кредитирање и извршување Клодијан Сота и Енди Икономи, се четворицата приведени на обвинителството во Тирана во случајот со скандалот со личните податоци во Албанија. На оваа вест се огласија и најпрестижните медиуми во светот кои истакнаа дека Албанија прави чекори назад во демократизацијата на земјата.

Законот за лични податоци и влијанието врз општеството

Личен податок” е секоја информација поврзано за физичко лице, идентификувано или препознатливо, директно или индиректно, особено која се однесува на идентификацискиот број или еден или повеќе фактори специфични за неговиот или нејзиниот физички, физиолошки, ментален, економски, културен или социјален идентитет.

Податоците се дел од „iAlbania“, владиниот портал кој премиерот Рама го пропагира како свое најголемо достигнување, портал каде се наоѓаат сите лични податоци на граѓаните на Албанија.

Телефонскиот број, бројот на личната карта, работното место, платата, возилото и регистарските таблички повеќе не се лични податоци. Сега сите ги знаеме личните примања на секого. За граѓанинот има пресметки колку е месечната исплата, колку се месечните трошоци, колку може да заштеди итн. Кога пред неколку месеци изби скандалот со следење на социјалните мрежи со јавно објавување на роднинските односи, се поттикнаа конфликти меѓу блиски и подалечни роднини.

 

Извор: freepik.com

 

Нема повеќе простор за имагинација или претпоставка, сега ја знаеме платата на комшијата, пријателот, братучедот, бившиот колега кој сега работи на друго место, а се знае и платата на газдата и директорот. Станавме општество каде личните прашања му припаѓаат на колективот.

Конфликтите и несогласувањата се разгореа заедно со овој скандал: колегите од работа со завист гледаат еден во друг, споредувајќи кој од нив има највисоки примања. Јавното обелоденување ги разгоре страстите на новинарската фела, каде платата на еден теренски новинар или новинар на вести е десет пати помала од онаа на спикер или водител.

Скандал во скандал е објавувањето на платите на вработените во националната разузнавачка служба и на вработените во армијата. Некои јавни личности, како што е опозиционерот Батон Хаџиу, се плаќаа од други институции, додека фактичката работа си ја вршат на друго место. Откриено е колку се платени познатите личности кои се блиски до владејачката партија и како овие личности се вклучени во работата на државната администрација, со што се наградени за убедувањето и лојалноста.

На државните органи очигледно веќе не може да им се верува. Којзнае по кој пат се соочуваме со протекување доверливи информации. Ситуацијата станува уште посериозна кога знаеме дека надлежните не носат важни одлуки за да ја поправата ситуацијата. Граѓаните интервјуирани во различни медиуми, како и претставници на граѓанскиот сектор велат дека не очекуваат дека ќе се преземат драстични мерки од надлежните органи и посакуваат ова да бидат последните податоци кои се објавуваат во јавноста.

Би било соодветно институциите како што се Народниот правобранител, канцеларијата на претседателот и странските амбасади акредитирани во Тирана да извршат поголем притисок врз владата, да го сфатат ова прашање со должна сериозност без да дојде до други протекувања на лични податоци.

Засега се чини дека проблемот лежи во владиниот портал Е-Албанија од кој има прибирање и протекување податоци. Деталната истрага на серверите, лицата одговорни за нивното одржување и официјалните лица на Е-Албанија најверојатно ќе им помогнат на истрагата за расчистување на овој случај.