Од утре, први април, Жичарницата на Средно Водно ќе работи еден час повеќе, односно од 10 до 18 часот.
Согласно одлуката за возен ред за месец април, од 17 до 17.30 часот е последно возење од долу кон врвот, односно во 17.45 часот е последно возење од врвот надолу, информираат од ЈСП.
Секој понеделник и секој последен вторник во месецот, за Жичарницата се неработни денови.
После речиси двегодишна пауза поради мерките за заштита и превенција од Ковид 19, Жичарницата повторно се пушти во употреба на 30.12.2021 година. Oд тогаш до денеска, продадени се вкупно 48.544 билети, а најголема посетеност е регистрирана во јануари, односно продадени се 23.598 билети. Притоа, треба да се има предвид дека посетеноста е поголема од бројот на продадени билети со оглед на тоа дека превозот за деца до 6 години е бесплатен.
Согласно ковид протоколите, во кабина е дозволен превоз до четири лица и задолжително е носење на заштитна маска.
Повратен билет чини 100 денари, а на Жичарницата е дозволен и превоз на домашни миленичиња (куче, маче) за што на услуга се отстапуваат транспортери.
Ден пред Нова година повторно во функција се пуштија и трите автобуски линии до Средно Водно (25, 25А и 25Б), кои за време на викенди и државни празници се бесплатни за сите граѓани.