ЦИВИЛ ги осудува обидите за политизација, негирање и манипулација со резултатите од пописот

Сподели

 

Пописот 2021, наспроти сите предизвици, почнувајќи од проблемите поврзани со КОВИД-19, завршувајќи со политизирањето и опструкциите од националистичките партии и радикални групи, заврши успешно. По речиси 20 години, во нашата земја конечно се спроведе попис. Меѓународната заедница, Владата на Република Северна Македонија, Државниот Завод за статистика и експертската заедница го оценија процесот на спроведување на пописот како успешен и темелен.

ЦИВИЛ спроведе сеопфатен мониторинг на процесот на спроведувањето на пописот во изминатите две години, од раните најави до конечното спроведување. На својата медиумска платформа, ЦИВИЛ објави 534 содржини директно поврзани со пописот, одржа 25 јавни настани на кои учествуваа повеќе од 50 релевантни експерти. Тимот на ЦИВИЛ во соработка со видни експерти, подготви и објави 20 анализи за сите значајни аспекти на процесот. ЦИВИЛ спроведе и анкета со повеќе претставници на граѓанското општество во земјата.

Со овие и со низа други активности, организацијата го даде својот придонес кон успешното спроведување на процесот и на негативната кампања и политизацијата возврати со факти и аргументирани ставови. Тоа често беше повод за радикалните политички групи во земјата жестоко да го напаѓаат ЦИВИЛ со говор на омраза и дезинформации на социјалните мрежи и во дел од медиумите.

ЦИВИЛ ги осудува сите обиди за понатамошна политизација, негирање и манипулација со резултатите од пописот. Се работи за попис, статистичка операција што е исклучително важно за економскиот и општествениот развој на земјата. И ништо повеќе.

Воедно, ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните решително да и отфрлат и да ги осудат националистичките изјави, дезинформациите и манипулациите кои се дел од напорите земјата да се дестабилизира и да внесат поделби и несигурност меѓу луѓето.