Георги Ајановски
За да не импровизирам, се повикав на стручната литература за дефинирање на термините: диктатор и диктатура. Таму стои: апсолутист, насилник, самодржец,тиранин; власт што се потпира на силата, со ништо неограничена, односно власт и време на владеење на еден диктатор.
Или посликовито: “диктатурата, во современ контекст претставува апсолутно владеење, поставено над законите, уставот или некои други социјални и политички фактори. Овие режими ги оправдуваат своите постапки, како би се справиле со одредени тешкотии, односно опасности, без разлика дали тие опасности биле реални или измислени. Понекогаш, во недостиг од вакви кризи, тие измислувале нови проблеми, опасности од внатрешни и надворешни непријатели, како би можеле да останат на власт.
Покрај силата и принудата, тие ги користат и средствата за масовна комуникација како алатка со која го контролираат народот. Овие медиуми не само што се контролирани од власта, туку служат да ја величат неа и нејзиниот лидер!”
Дали Македонија денес има таква власт? Дали досегашното владеење на Никола Груевски, познато како “груевизам” ги содржи споменатите елементи на диктаторство?
Многумина домашни аналитичари сметаат дека во почетните години, неговото владеење било вообичаен след на остварена парламентарна и државна превласт од страна на една десничарска партија, извојувана во приближно регуларни избори кои што никој, освен поразената опозиција не ги доведуваше во прашање.Но, веќе по изборите во 2012 година, особено по насилното протерување на опозициските пратеници и новинарите од собраниската сала, кога грубо беа прекршени основните уставни начела, стана очигледно дека се работи за режим кој што е решен преку целосна елиминација на своите политички опоненти, да воспостави систем на самовладеење и политички диктат.
Тогаш, да потсетиме, за прв пат во бурните јавни дебати беше изнесена оценка за “погреб на македонската демократија” и за вовед на еден вид “мека диктатура”. Меѓутоа, и покрај дрската узурпација на базичните демократски права и слободи, на општо изненадување, меѓународната заедница слепо помина преку тој антиуставен чин, упатувајќи само благ укор до власта (во форма на еден собраниски анкетен извештај), со што го охрабри режимот неказнето да продолжи со своите самоволија и незаконитости. Така, по декемврискиот “црн петок”, бевме сведоци на широко мобилизирање на целокупниот партиски и државен апарат, поддржан со хистерична (платена) медиумска пропаганда, во сатанизирачки поход против опозицијата и демократската јавност, со цел на исценирани избори да се изврши примитивен криминален фалсификат.
Пролетта 2014 година, бугарскиот весник “Труд” ќе укаже: има сериозни обвинувања дека Груевски ја користи сета сила и моќ на државната машинерија, дека ги злоупотребува, па дури и ги рекетира луѓето од државната администрација, дека на своја страна ги има поголемиот дел од медиумите, купувајќи ги преку многубројни реклами, дека ги контролира полицијатаа и судството и се` друго што “мрда” во државата.
Истовремено, влијателниот “Берлинер Цајтунг” ќе предупреди дека “незабележано од меѓународната јавност , Македонија се` повеќе чекори кон диктатура!”
Ваквото дефинирање на македонските политички состојби во наредниот период ќе стане вообичаена формулација и во многу други странски медиуми, за кои што македонскиот тип на диктатура ќе се расветлува од различни аспекти. Еден од најголемите критичари на груевистичкото владеење, познатиот архитект и активист Мирослав Грчев, во тој контекст ќе напише: “Доколку сакаме да ја согледаме сопствената стварност, мораме да сфатиме дека македонската држава одамна не е демократска, туку авторитарна псевдо-демократија. Затоа, се` додека е на власт авторитарниот режим на Груевски и додека партиско-полициската држава на ДПМНЕ ги обединува извршната, судската и локалната власт во една хомогена, субординирана пирамидална структура, која ја одржува општествената атмосфера на државна уцена, закани и страв, во Македонија нема да биде возможна демократија каква што е запишана во Уставот”.
По објавата на т.н. “бомбите на Заев”, со кои беше разобличен целиот криминално-коруптивен систем на груевистичкото владеење, повеќе немаше никакви дилеми за домашната и меѓународната јавност околу неговиот тоталитаристички карактер и примена: “Николче-диктаторче”, како што јавно го ословуваше неговиот поранешен министер на полицијата Љубе Бошковски (уапсен и осуден во монтирани судски процеси), израсна во опасен самодржец, кому што дворски му се поклонуваа шефот на државата, претседателот на парламентот, судските органи, обвинителството, полицијата, академци, писатели, уметници, до управителки на детски градинки.
Под притисок на меѓународната заедница и договорот во Пржино, Груевски беше принуден да се повлече од премиерската функција но, и ако без никакви државни овластувања, од позиција на партиски лидер, тој продолжи да командува и да диктира политички одлуки од пресудно значење за земјата, обидувајќи се низ само-амнестирање да се задржи на власт и да докаже дека со помош на својата партија може да управува во име на развластената држава!