Во организација на Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија, денеска се одржа презентација на статистичките податоци и резултатите од истражување на јавното мислење за финансиската писменост, кое беше спроведено во периодот од 11 до 19 септември 2019 година од страна на Истражувачкиот институт – Тим институт.
Небанкарските финансиските друштва се „најмладиот“ сегмент на финансискиот сектор во Северна Македонија, кој иако брзо расте, сé уште има мал удел како во вкупните средства на финансискиот систем, така и во вкупното портфолио на кредити. Минатата година, уделот во вкупните средства беше 0,44%, што е значителен пораст во однос на 2017 кога изнесуваше 0,37%, односно 0,19% во 2016 година. Традиционалните финансиски институции сѐ уште ја имаат доминантната улога на финансискиот пазар, каде банкарскиот сектор е одговорен за 82,6% од средствата на финансискиот систем, иако неговото учество има тенденција на забавување (83,0% во 2017 и односно 84,7% во 2016 година). Процентот на кредитоспособно население во земјата што го сервисираат небанкарските финансиски друштва минатата година беше 6%, а сумата што вообичаено се позајмуваше беше во просек од 200 до 400 евра. Досега, обемот на заеми што финансиските друштва ги одобруваат не е значаен во вкупниот долг на домаќинствата и на корпоративниот сектор.
„Небанкарските финансиски друштва минатата година издадоа илјадници кредити и изградија портфолио од милиони евра, што е најдобар доказ за големата потреба за овој вид услуги во земјава. Нашите активности се еден вид надополнување на кредитната активност на традиционалниот финансиски систем, особено за клиенти кои имаат ограничен пристап до кредитите од традиционалните финансиски институции. Сепак, како што потврдува и ова истражување, влијанието на Финтек индустријата не е системско“, изјави Филип Димитровски, Претседател на Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија.
Кога станува збор за приходите на населението и навиките за штедење, истражувањето покажува дека има голема потреба од финансиска инклузија, бидејќи, согласно резултатите, 12% од испитаниците немаат доволно пари дури ни за храна, а 57% можат да си дозволат задоволување на потребите до максимум храна и облека, но дека немаат доволно да средства купат уреди за домаќинството, како ТВ, фрижидер и сл. Исто така, 44% од испитаниците посочиле дека не се во можност да заштедат, бидејќи не им остануваат пари за штедење, додека 35% од испитаниците изјавиле дека со своите заштеди би можеле да живеат околу еден месец. И покрај тоа што голем дел од населението немаат средства, истражувањата покажуваат дека мал дел од нив ги користат расположливите финансиски услуги, но во исто време, и не располагаат со информации за можностите кои им се нудат – само 6% земале кредит од небанкарско финансиско друштво во изминатите 12 месеци и високи 52% не користеле ниту една финансиска услуга од понудените, во изминатите 3 години.
Сето ова докажува дека има потреба од финансиски средства, а Финтек индустријата е потребна со вистинска причина – да ги обезбеди потребните средства, со најдобра корисничка грижа на брз, едноставен и лесен начин, без дополнително обезбедување, токму во неопходните, мали износи за ситуации кои бараат брзи решенија, како поправки во домот, поправка на електрични уреди или купување на бела техника.
Сепак, за да можат граѓаните да разберат и да знаат која услуга кога да ја користат, потребни се дополнителни напори, како што наведува истражувањато, за унапредување на финансиската писменост на општеството, на што укажува и фактот дека 59% од испитаниците ја оценуваат својата финансиска писменост како слаба или просечна, а 36% не обрнуваат внимание на нивната финансиска писменост и им требаат дополнителни информации. Од анализата е евидентно дека финансиска едукација е исто така неопходна и кога станува збор за користење на услугите што ги нудат небанкарските финансиски друштва, главно заради можностите за финансиска инклузија на населението со ограничен пристап до услугите на традиционалните финансиски институции,
Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија во која членуваат дел од финансиските друштва, ја обединува финансиската технологија, позната како Финтек. Мисијата на Асоцијацијата е да создаде сигурна и одговорна индустрија и пракса, истовремено објаснувајќи ѝ ги на пошироката јавност разните можности кои алтернативните финансиски услуги можат да ги понудат за развој на поединци и на општеството како целина. Оттука и во насока на унапредување на индустријата на македонскиот финансиски пазар, Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија презема иницијатива за добивање на веродостојни информации од овластени истражувачи во насока на креирање на одговорен развој, како што е ова истражување. Плановите на Асоцијацијата се овој тип на истражувања да се спроведуваат на годишно ниво, со цел да ја следат динамиката на индустријата и да се пласираат транспарентни и релевантни информации за општеството и засегнатите страни, како и да поттикнуваат теми кои се од значење за целокупната индустрија, со што ќе се позиционира како релевантен извор на информации.
„Добиените резултати од една страна ќе помогнат за наше натамошно позиционирање на пазарот и истакнување на нашата улога во финансиската инклузија на населението, но за тоа е неопходно да се работи на јакнење на финансиската писменост на населението. Од друга, веруваме дека резултатите ќе влијаат и за промена на перцепцијата која постои за овој сектор како кај регулаторите, така и во јавноста, бидејќи небанкарските финансиски друштва евидентно претставуваат важен и неопходен сегмент на финансискиот систем за целокупна инклузија. Асоцијацијата и досега работеше во насока на подигнување на нивото на финансиската писменост, а тоа ќе го прави и во иднина самостојно, но и заедно со сите засегнати страни“, додава Димитровски.
Веродостојноста на процесот на истражувањето спроведено од страна на Тим Институт, беше потврден и одобрен од страна на независна ревизорска компанија – БДО ревизија, кој согласно меѓународниот ревизорски стандард ИСАЕ 3000, издаде уверение дека изведувачот на истражувањето ги користел соодветните алатки, процедури и методи на примерок за имплементирање на истражувањето, во целосна согласност со важечките правила и процедури.
Повеќе информации за Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија се достапни на веб страницата www.afd.mk