Џевдет Хајредини
Не е точно, господине Али Ахмети, дека албанските партии не се виновни за кризата во која се најде Македонија. Не обидувајте се да ги ставите во иста торба сите албански политички партии. До последните избори, на другите партии на Албанците, вие и вашиот портпарол, не им ги знаевте ниту адресите. ДУИ е виновна до гуша за кризата во која потона Македонија. ДУИ е виновна, не само за лошите работи што ги направила, туку, исто така, и за оние што можела, но не сакала или не била способна да ги направи. ДУИ дозволи нејзините кадри да создадат непринципиелни врски со шефот на УБК и да дејствуваат по негови наредби!
Во наредните денови, фокусот на Албанците треба со големо внимание да биде насочен кон активностите на претседателот на ДУИ. Ако продолжи, како и досега, да го развлекува процесот на донесување одлуки, правдајќи се со потребата за „длабоки, сеопфатни и сериозни консултации“, бидејќи одлуките биле тешки, како што вели тој, и дека бил во голема мака, во таков случај треба да бидеме убедени дека ќе продолжи да работи во корист на Груевски.
Али Ахмети, иако изјавува дека ги почитува и дејствува во согласност со „нашите меѓународни пријатели“, досега никогаш не го правеше тоа, дури и кога кризата во земјата кулминираше. Никогаш не го слушнавме Али Ахмети да упати дури и една единствена критика кон криминалецот Никола Груевски. Напротив, не еднаш му држеше предавања на Зоран Заев како треба да делува. Тоа е факт за кој сведочи и самиот посредник на ЕУ, Питер Ванхауте, кога сведочи дека Али Ахмети и за време на преговорите за Договорот од Пржино дејствувал под притисок на Груевски.
Али Ахмети се преправа дека е глув за поддршката што ја дава Русија за владата на Груевски и на ДУИ. Тој молчи и кога Груевски отворено се закануваше дека нема да дозволи коалицирање меѓу ДУИ и СДСМ, предупредувајќи дека во ДУИ знаат како тој ќе го направи тоа. Само тоа беше причината зошто ДУИ и понатаму ја држеше отворена опцијата дека ќе оди во опозиција иако би ја поддржала малцинската влада, со цел, замислете, за да ги истражеле можните кривични дела за кои се зборувало по кулоарите.
Колку искрено ДУИ ја поддржува работата на Специјалното јавно обвинителство, Законот за заштита на сведоци и реформите што произлегуваат од Извештајот на Прибе, јасно се гледа од фактот што презеле до денес за реализација на Планот за итните реформски приоритети што нивната влада, по предлог на Секретаријатот за евроинтеграции, го усвои веднаш откако пристигна во земјата. Владата, во која учествуваше и ДУИ, ги игнорираше сите годишни извештаи на Европската комисија за напредокот на Македонија, особено последниот, кого не го споменуваат воопшто. Впрочем, ДУИ помогна ВМРО да „победи“ на последните избори, со помош на нивниот доктор на науки Субхи Јакупи во Државната изборна комисија.
Али Ахмети повторно најавува можен меѓуетнички конфликт и тоа сега, по средбата со високата претставничка Федерика Могерини. Ова го прави со цел да го спаси Груевски и себеси; меѓутоа меѓуетнички конфликт во Македонија нема да има, ниту, пак, украинско сценарио. Ако Али Ахмети продолжи да работи тајно и во координација со Никола Груевски, единствена опасност ќе биде само внатрешниот интеретнички конфликт.
Со недавањето на мандатот на Зоран Заев за формирање влада од страна на Ѓорге Иванов, започна и реализацијата на планот најавен од Груевски дека нема да дозволи влада меѓу СДСМ и ДУИ. Симптоматично е тоа што кога сите релевантни меѓународни фактори од Иванов бараат да ја повлече што побрзо одлуката, Али Ахмети бара од него да ја преиспита и да ја свика седницата на претседателството на партијата за повторно да започне „длабоки, сеопфатни и сериозни консултации“. Нему повторно му требаат консултации со експерти за да заземе став во врска со одлуката на Иванов, додека Генералниот секретар на НАТО, високиот претставник на ЕУ, министрите за надворешни работи на Германија и на Велика Британија, генералниот секретар на ОБСЕ и Стејт департментот на САД, без консултации со експерти, вршат притисок кон Иванов итно да ја повлече одлуката и да му го даде мандатот на Заев.
На Али Ахмети повторно му се виновни другите албански партии за намалувањето на бројот на пратеници Албанци во парламентот. Но, што ќе им се на Албанците пратеници, како што е самиот тој, кој во последните 15 години никогаш не ја отвори устата во Собранието, освен што ја земаше платата и го користеше само прстот? Еднакво ги принуди така да се однесуваат и поголемиот дел од пратениците на неговата партија.
Само тој и неговите соработници, кои не прочитале ниту една страница од Извештајот на Групата на Прибе (во која имаше, не случајно, и италијански експерти за борба против мафијата), можат да тврдат дека причините за кризата во Македонија се двете поголемите македонски партии. Кризата во Македонија, според тоа што беше објавено пред две години од СДСМ, ја предизвикаа двете партии што ја делеа власта повеќе од десет години. Кризата ја предизвикаа тие што ги заробија државните институции, ја компромитираа правната држава, во целост ги партизираа судството и државната администрација, дозволија Груевски да фрли 1 милијарда евра во бетон во и покрај Вардар, наместо да се користат за изградба на училишта, водоводи, патишта, кои ги нема посебно во селата и во градовите населени со Албанци. Кризата ја предизвикаа оние што наместо да го спроведуваат Охридскиот рамковен договор, него го „анализираа“, фрлајќи годишно по 100.000 евра, од кои поголемиот дел завршувале во џебот на нивни функционери.
Кризата ја предизвика ДУИ, која молчеше кога Груевски продолжуваше да ги заострува и да ги труе односите со сите соседни земји, со Европската Унија, со САД, со исклучок на Путиновата Русија. Кризата ја предизвика ДУИ, кога по наредба на Груевски, побара предвремени избори во 2014 година, со единствена цел да овозможи реизбор на Иванов за претседател. Ја предизвикаа оние што со години плаќаат илјадници млади луѓе со буџетски пари (полнет од страна на сите граѓани), без да ги распределуваат на работни места, само и само да ги уценат кога ќе дојдат изборите да гласаат за нивните партии. Ја предизвикаа оние кои, исплашени од содржината на прислушувањата, обезбедени од опозицијата, се обидоа со закон да го спречат нивното објавување не само во земјата туку и во странство, спротивно на ставовите на Венецијанската комисија.
Од развојот на настаните во текот на наредните денови ќе стане јасно дали се усогласени плановите на Груевски и на Али Ахмети. Има основа да се сомневаме и за изборот на формата и местото за објавување на заедничката декларација на албанските партии, со цел да му служи како изговор на Иванов за да не му го даде мандатот на Заев. Инаку, не треба да се сомневаме во мотивите на албанските опозициски партии за усогласување на ставовите во однос на барањата за службената употреба на албанскиот јазик во Македонија.
колумната во целост прочитајте ја тука