Има многу центри кои работат на штета на интегрирањето на нашата земја во ЕУ и посебно во НАТО, оцени лидерот на ДУИ, Али Ахмети во интервју за Радио слободна Европа.
– Има многу центри што работат во насока на создавање на хаос, недоверба меѓу двете најголеми етнички заедници во нашата земја, т.е. Албанците и Македонците, бидејќи тие центри сигурно дека не се без искуство и знаат дека хармонијата, блискоста и довербата меѓу Албанците и Македонците за да се придвижи земјата напред е многу добра работа, ова е за доброто на Република Македонија и како да речам фрлаат искри за да се влошат овие односи – вели Ахмети.
Лидерот на ДУИ во интервјуто наведува дека во соседните земји постојат структури и групации кои сакаат да ја поделат земјата за сопствени интереси.
– Јас тука не зборувам и не ги обвинувам владите на соседните земји, но во сите соседни земји има групи и групации кои не ги интересира добрата иднина на Македонија, не сакаат Република Македонија да е дел од НАТО, да е дел од Европската Унија. Значи има групи и групации во сите соседни земји во регионот кои се заинтересирани да ја поделат оваа земја за одредени интереси но тука без лошо да бидам сфатен не се работи за влади на земјите од регионот, но зборувам за групи и групации кои не се без влијание во земјите каде што работат навлегувајќи со нивните идеи и во нашата земја, во Скопје и во многу други градови на Република Македонија, промовирајќи ја нивната идеја, платформа на некој начин преку легалните патишта и преку полулегалните и делумно работејќи илегално – вели Ахмети.