Активистичката акција „Чекална“ за граѓаните кои повеќе од 30 години чекаат

Сподели

 

Во центарот на Скопје е поставена „Чекална“ во која секој граѓанин може да седне на столче и да „чека“ на борба против корупцијата, повисоки плати, за ефикасно судство, или пак за новите учебници…

Идејата на оваа акција е да одадеме почит на просечниог македонски граѓанин – чекач кој веќе 30 години непрекинато чека. Чекаме за подобар стандард, за влез во ЕУ, за битка со корупцијата, за подобро здравство, за подобро школство, за подобра инфраструктура, власта и партиите да работат во служба на граѓаните и што уште не.

Година по година чекаме да се остварат неостварените ветувања. Всушност се нешто чекаме и станавме професионални чекачи. Токму затоа и ја изградивме оваа чекална каде секој може да си почека за она што најмногу му треба и она што му е најважно.

Во нашата чекална граѓаните можат да почекаат за следниве работи:

Борба против корупцијата, влез во ЕУ, автопатот Кичево-Охрид, парчето автопат од 500 метри кај Катланово, подобро здравство, да се заврши кружниот тек во Момин Поток, учебници за трето и шесто одделение, за ефикасно судство, целосно да се оспособи мостот Беласица, да запрат градбите на малите хидроцентрали, за чист воздух, за вистински антикризни мерки, за поголеми плати, за поголеми пензии, за колектор на Вардар, за град што личи на град, за закажување нови документи, за мој термин, за уставни измени, за да разговарате со операторот, за пониски камати, за расчистување на дивите депонии, за шахти рамни со асфалтот, за изградба на коридор 8, за пруга кон Бугарија, за нов клинички во Штип.

Доколку нешто сме заборавиле граѓаните се слободни и ги охрабруваме да дополнат.

Се надеваме дека по оваа акција граѓаните ќе станат уште подобри и по ревносни чекачи а партиите ќе ни дадат уште подобри ветувања чие што чекање ќе биде вистинско задоволство.

Она што е најпозитивно во оваа акција е фактот дека Чекалната по завршување на акцијата ќе биде донирана за користење како стреа за автобуска станица во една рурална заедница во околината на Скопје за луѓето од тој дел да чекаат нешто што ќе го дочекаат,односно автобус.

Акцијата „Чекална“е во продукција на програмата за уметнички и креативен активизам на Центарот за соверемени уметности од Скопје, соопштуваат од Contemporary art center – Skopje.