Со транспаренти „Бездомни а не безвредни“, „Во Вардариште ѕверовите се надвор од кафезите“, „Правда за животните“, стотина граѓани и активисти на Здружението за заштита на животни „Анима мунди“, заедно со своите миленици протестираа и бараа правда за животните заловени во стационарот Вардариште.
Протесниот марш започна на Плоштад „Македонија“ и низ улиците продолжи до бараките на Град Скопје под чија надлежност се наоѓа стационарот.
Демонстрантите освен транспарентни со себе носеа и листови на кои беа испишани членови од Законот за благосостојба на животните и извикуваа „Правда за животните“ и „Коце во Вардариште“.
Претседателот на здружението, Столе Велков, изјави дека протестот е против градот, против нехуманоста и против институцијата Вардариште.
– Девет години се врши хајка и се убиваат бездомните животни, а целта на Вардариште беше јасна, залови, стерилизирај, врати. Еутаназијата не може да биде единственото решение за проблемот со бездомните животни – изјави Велков.
Тој додаде дека ако за еден месец не се исполнат нивните барања, протестите ќе се интензивираат.
Пред бараките на Град Скопје и канцеларијата на градоначалникот Коце Трајановски, активистите побараа да се прекине убивањето во Вардариште и да се раскине договорот за работа со ветеринарната амбуланта Автокоманда, да се дозволи активистите да влезат во Вардариште како овластено тело за надзор во спроведувањето на програмата на Град Скопје и да се отпуштат дел од вработените во стационарот, односно лицето Димче. М и Виолета. Н, кои се препознатливи по својата нехуманост кон кучињата.
Тие побараа да се прекине самоволното заловување на веќе стерилизирани, третирани и обележани кучиња, да се забрани заловување на мали кутриња кои никако не можат да бидат стерилизирани, како и да се предвидат најстроги казни за инспекторите кои ќе ги надминат своите законски овластувања.
Како најважно барање активистите го посочија она до Агенцијата за храна и ветеринарство од која бараат да одговори на сите нивни пријави и да изрече соодветни казни за секое институционално или индивидуално прекршување на Законот за благосостојба на животни.
Активистите укажаа дека носејќи ги во Вардариште, 90 отсто од малите кучиња умираат од изгладнетост, епидемии, негиража и смрзнување.
Протестот го поддржа и Мото клубот „Потфат мц“.