На 2 април, во 12 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Аквизиции – донации 2017-2021“.
Куратор на поставката е кустос Ива Димовски и кустос соработник Бојана Јанева.
Во рамки на поставката ќе бидат изложени дела, кои музејот ги има добиено по пат на откуп и донација од 2017 година до денес.
Со оваа изложба музејот има за цел да го презентира на јавноста обемот и квалитетот на она што е добиено по пат на откуп и донација. Една од позначајните донации е оставнината на почитуваната проф. д-р Радмила Угринова – Скаловска, донација од 36 уметнички дела. Понатаму, уметникот Глигор Стефанов, ги подари сите негови дела од ретроспективната изложба, која беше реализирана пред неколку години во МСУ, како и несебичниот потег на авторката Кристина Пулејкова, која ја подари нејзината самостојна изложба, по повод наградата за најдобар млад уметник од Биеналето на млади уметници во 2016 година.
На поставката ќе можат да се видат и дела од основоположниците на македонската современа ликовна уметност: Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов и други значајни уметници, кои се дел од македонската уметничка клима. Тука се и делата од авторот Симе Узуновски (донација од Крсте Џидров), откупите од страна на Министерството за култура на Р.С.Македонија, во 2017, од авторите Кирил Гегоски, Жанета Вангели, Ибрахим Беди, Миле Корубин и други.
Станува збор за уметнички творби кои содржат разни медиуми: слика, скулптура, графика, акварел, цртеж, видео и инсталација.
На поставката ќе бидат претставени 35 автори од македонската визуелна сцена, изложени 72 уметнички дела, од кои, осум се откупени од Министерството за култура на Р.С.Македонија, а 64 се донирани на музејот.
Станува збор за авторите: Драгутин Аврамовски-Гуте, Димитар Аврамовски Пандилов, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Мира Апостоловска, Љубомир Белогаски, Жанета Вангели, Иван Велков, Томо Владимирски, Кирил Гегоски, Владимир Георгиевски, Божидар Дамјановски, Катја Ефтимова, Беди Ибрахим, Богољуб Ивковиќ, Александар Јанкуловски – Цане, Ристо Калчевски, Киро Караџа, Миле Корубин, Вангел Коџоман, Зоран Малиновски, Власе Николески, Трајче Николовски, Данчо Ордев, Благоја Попоски, Кристина Пулејкова, Исмет Рамиќевиќ, Александар Ристески, Глигор Стефанов, Ана Темкова, Симон Узуновски, Никола Фидановски, Слободан Филовски, Симон Шемов и Теофил Шулајковски.

„Овој принцип на претставување на донирани и откупени делата пред јавноста музејот го негува уште од 1963 година. До 2000 година МСУ организираше две засебни поставки „Подарени дела“ и „Аквизиции“, кои за првпат се спојуваат во една изложба „Донации – аквизиции 1987-2000“. Овие Аквизиции – донации 2022 како и претходните, продолжуваат со истата идеја да ги презентираат квалитетот и квантитетот на делата од колекцијата, прикажување на минатото, не поради самата историја, туку и преку рефлектирање на нејзината важност и важноста за сегашноста и иднината, за колекцијата и Музејот. Примарната функција, односно начинот на збогатување на колекцијата преку откупна политика и понатаму останува ненадминат проблем, но затоа музејот изразува огромна почит и благодарност до уметниците и донаторите, кои и понатаму несебично ја збогатуваат колекцијата на МСУ. Поттикот за донирање останува и понатаму како главен адут на проширување на збирката на музејот“, вели Димовски.