Алан Данкан: Не сум тука за упатства, одлуката е на политичарите

Сподели

Државниот министер на Велика Британија за Европа и Америка, Алан Данкан, кој престојува во Скопје за да разговара за актуелната политичка ситуација во земјата, по состанокот со претседателот на ДР-ДПА Зијадин Села, изјави дека не им дава упатства на македонските политичари и дека одлуката не е зависи од него, туку од политичарите во земјата“, јавува Anadolu Agency (AA).

Алан Данкан од вчера престојува во Скопје на разговорите околу актуелната политичка ситуација во земјата, потребата за итни реформи што ќе овозможат напредок кон членството во НАТО и ЕУ, како и околу плановите на лидерите за градење просперитетна и инклузивна држава.

„Ние не се мешаме во вашата политика, туку сакаме да направиме сѐ што можеме за да ѝ помогнеме на иднината на Македонија, за која се надевам дека ќе стигне до членство во Европската Унија и во НАТО, заради стабилност и долгорочна безбедност на оваа земја“, рече Данкан по средбата со лидерот Зијадин Села.

Инаку, вчера, Алан Данкан се сретна со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, заменик-претседателката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Радмила Шеќеринска, и со министерот за надворешни работи, Никола Попоски.

Данкан утрово се сретна со претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, лидерот на ДР-ДПА Зијадин Села, како и со претседателот на земјата, Ѓорге Иванов. Како што е најавено, Данкан попладне ќе се сретне со тимот на Специјалното јавно обвинителство и со претставници на граѓанското општество.

Села оптимист дека за 20 дена ќе се формира нова влада на Македонија

Претседателот на ЛР-ДПА Зијадин Села, по средбата со државниот министер на Велика Британија за Европа и Америка, Алан Данкан, рече дека на средбата се разговарало за предизвиците со кои се соочува македонската држава и нејзините институции, како и за стабилноста, иднина и просперитетот на граѓаните кои живеат во земјата.

Во врска со разговорите меѓу Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и Демократската унија за интеграција (ДУИ) за формирање на новата влада, Села истакна дека потписите собрани од неговата партија ќе му ги дадат на СДСМ за таа партија да добие мандат за формирање на новата влада. Но, како што рече, ова не значи формирање влада, туку почеток на преговорите за нејзиното формирање.

„За граѓаните на Македонија, без разлика на етничката или политичката припадност, многу е важно да се градат институциите за да имаме стабилна политичка влада. Затоа сѐ друго ќе значи анархија којашто не е во корист на ниту еден граѓанин кој живее во оваа земја“, рече Села.

Тој посочи дека покрај отворените домашни прашања, Македонија мора да го реши и спорот за името со Грција, за земјата да продолжи да оди кон целосното членство во НАТО и во ЕУ. Во врска со изјавите на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој рече дека за 15-20 дена Македонија ќе има формирано нова влада, Села изрази оптимизам дека тоа ќе биде постигнато.

Anadolu Agency