“Премиерот Зоран Заев поднесе тужба за клевета против мене за политичка изјава во којашто кажувам дека се изрекетирани преку 20 милиони евра и дека тој е на врвот на пирамидата. За иронијата да биде поголема барањето за тужба е испратено од неговиот скап адвокат Филип Медарски кој е познат по непотизмот во судството и во обвинителството. Целта на власта е сега јас јавно да се извинам, да се уплашам и да се повлечам. Бара да му исплатам 60.000 денари оштета, како и да му го платам скапиот адвокат. Бара 60.000 денари оштета затоа што брат му Вице е исто така во тужба за клевета, не успеа да добие од мене 30.000 денари оштета, па сега веројатно по принципот евро за евро бара 60.000 денари оштета за да можат со брат му да поделат по 30.000 денари” – изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски на денешната прес-конференција.
СДСМ излезе со реакција по изјавата на Николовски, во која се вели:
“Судски е потврдено дека Николоски ширел лажни вести и тоа продолжува да го прави и денес директно од Центарот за лаги – белиот дворец
Денеска од центарот за лаги во белиот дворец, Алекдандар Николоски продолжува да шири лажни вести и да се промовира како жртва иако и судски е потврдено дека свесно лажел.
Апелацискиот суд во Скопје ја одби жалбата на Николоски за случајот во кој тој беше обвинет за клевета на Вице Заев
Со тоа, Апелација ја потврди пресудата на понискиот суд со која е утврденa граѓанска одговорност од Николоски дека сторил клевета на јавен телевизиски настап.
И институционално е потврдено дека ВМРО-ДПМНЕ е најголемиот извор на лажни вести.
Осудениот клеветник Николоски денеска се обиде да најде алиби за оправданата тужба за клевета што ја изрекол кон претседателот Зоран Заев. Николоски кој упорно лаже, најмногу се плаши од вистината, затоа е оваа негова панична реакција денеска.
Николоски е свесен дека низ отворена, легитимна и транспарентна судска постапка, уште еднаш ќе се докаже дека направил клевета и затоа измислува нови лаги со кои ја лаже јавноста” – соопштуваат од СДСМ.