„АЛКАЛОИД“ е најпосакувана македонска компанија за вработување во 2022 година

Сподели

 

На манифестацијата беа доделени награди во вкупно 7 категории, а ’Алкалоид ја доби наградата како апсолутен победник, односно се закити со титулата Најпосакуван работодавец за 2022 – најпосакувана македонска компанија

 

Компанијата „Алкалоид“ е најатрактивен работодавец, односно најпосакувана македонска компанија за работа за 2022 година, според анкетата спроведена од веб-порталот на Агенцијата за посредување при вработување „Вработување.ком“. На јавното анкетно истражување спроведено во периодот од 26.5.2022 до 19.6.2022 година дури 41 % од вкупно 1.468 испитаници одговориле дека би сакале да работат во „Алкалоид“.

Наградата му беше врачена на Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, г. Живко Мукаетов, на манифестацијата конципирана како оскари за работодавците, „Работодавец на годината“, реализирана низ симболиката на 20-годишниот јубилеј на „Вработување.ком“.

 

 

 

Наградите за најпосакуван работодавец се доделуваат врз база на три критериуми: бројот на посети на огласите и на објавите на сајтот „Вработување.ком“, покажаниот интерес од апликантите и јавното анкетно истражување. На манифестацијата беа доделени награди во вкупно 7 категории, а „Алкалоид“ ја доби наградата како апсолутен победник, односно се закити со титулата „Најпосакуван работодавец за 2022 – најпосакувана македонска компанија.

Како компанија во чија деловна стратегија и во стратегијата за општествена одговорност Луѓето се пред сѐ, „Алкалоид“ ќе продолжи да одржува и да креира високи професионални стандарди во работната средина која претставува кариерен предизвик за сѐ повеќе млади професионалци кои тежнеат својата кариера да ја градат во сопствената земја.