Меморандум за соработка за програмата за практикантство потпиша денеска компанијата „Алкалоид АД Скопје“ со Фармацевтскиот факултет и Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје.
„Алкалоид“ потпиша меморандум за соработка за практиканство со Фармацевтскиот факултет и Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет.
Во рамките на овој проект кој ќе почне во јуни, 15 студентите кои се на дипломски и додипломски студии ќе може да се стекнат со тримесечна пракса во компанијата.
– Целта на овој Меморандум за соработка за програмата за практиканство е да се поттикне развојот на креативноста кај студентите, нивното лично и професионално профилирање, како и подготвеноста за соочување со идни професионални предизвици. Со овој проект ние како компанија, во соработка со највисоките научно-образовни институции во земјава, сакаме да им овозможиме на младите, талентирани и амбициозни студенти стекнување и практикување на нови вештини во реални процеси во рамки на компанијата – рече генералниот директор и претседател на управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Муакетов.
Деканот на Фармацевтскиот факултет, Светлана Кулвенова рече дека со отпочнување на овој нов вид на соработка со компанијата, ќе се усогласат програмските содржини со светските трендови и практична работа.
– Практичната работа значи многу за студентите по Фармација, бидејќи ќе можат да го проверат своето знаење во реалниот сектор. Ќе се стекнат со дополнителни знаења и вештини – рече Кулвенова.
Деканот на Природно-математички факултет, Ицко Ѓоргоски, рече дека потпишувањето на овој меморандум со „Алкалоид“ ќе значи дека најдобрите студенти нема да бегаат надвор од државата, туку ќе останат да работат во компанија која работи по европски и светски стандарди.
– Ќе видат како е да се работи во Европа, а ќе бидат во Македонија. Тие ќе ни пренесат што да промениме во нашите студиски наставни програми – изјави Ѓоргоски.
Тој додаде дека со години наназад голем дел од најдобрите студенти на ПМФ од областа на хемијата, кариерите ги продолжувале во „Алкалоид“.